Папата Лав XIV повторно против смртната казна: „Таа го одзема правото на искупување“

Date:

Share post:

Папата Лав XIV повторно ја осуди смртната казна, оценувајќи дека таа го нарушува достоинството на човекот и ја одзема можноста за искупување. Неговата порака доаѓа во време на полемики во САД по најавата на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет дека Пентагон размислува за пренос во живо на погубувањето со стрелање на поранешниот воен психијатар Нидал Хасан.

„Општото добро може да се заштити, а барањата за правда можат да се исполнат без прибегнување кон смртна казна“, напиша папата на социјалните мрежи по повод Светскиот ден против смртната казна, без директно да се осврне на најавата од Пентагон.

„Смртната казна е неприфатлива бидејќи претставува напад врз неповредливоста и достоинството на човекот“, порача Лав XIV.

Хасан во 2009 година уби 14 лица во воената база Форт Худ во Тексас. Неговото погубување со стрелање е најавено за 3 декември. Доколку биде реализирано, тоа би било прво погубување со стрелање во американската војска од 1945 година наваму.

Најавата за можен пренос во живо предизвика критики од американски конгресмени, вклучително и од републиканци блиски до претседателот Доналд Трамп, како и од верски претставници и меѓународни набљудувачи.

Трамп изјави дека сè уште не одлучил дали ќе го одобри преносот. Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, кој е католик, изрази сомнеж дека Пентагон навистина ќе го реализира планот и порача дека нема да го гледа преносот доколку дојде до негово емитување.

Ставот на папата Лав XIV е во согласност со учењето на Католичката црква, која смртната казна ја оценува како неприфатлива, повикувајќи се на неповредливоста и достоинството на човечкиот живот и на можноста за преобраќање и искупување.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img