Бугарската православна црква против пагански споменик во центарот на Видин: Митрополитот Пахомиј бара почит кон христијанското наследство

Date:

Share post:

Поставувањето скулптура на староегипетската божица Изида во центарот на бугарскиот град Видин предизвика остро противење од Видинскиот митрополит Пахомиј, кој во отворено писмо го оцени споменикот како чин спротивен на православната вера и духовната историја на градот.

Видинскиот митрополит Пахомиј на 5 октомври испрати отворено писмо до градоначалникот на Видин, Цветан Ценков, и до жителите на градот, во кое изрази категорично несогласување со поставувањето на скулптурата на паганската божица Изида во градскиот речен парк покрај Дунав.

Споменикот беше поставен на 2 октомври, а од здружението „Бадин“, кое го финансирало проектот, го претставиле како симбол на светлината, знаењето и сеќавањето. Идејата за негово поставување била одобрена од општинскиот совет уште во 2017 година, а автор на скулптурата е Јанко Бонев.

За митрополитот Пахомиј, станува збор за многу повеќе од уметничко дело или украсување на јавниот простор. Тој предупредува дека поставувањето пагански симбол во град со длабоко христијанско наследство отвора прашања за односот кон верата и духовната традиција на претходните генерации.

„Денес, кога ја одбележуваме стогодишнината од осветувањето на катедралниот храм во Видин „Св. великомаченик Димитриј Солунски“, овој непристоен идолопоклонички чин го поставува пред нас и прашањето што самите ние ќе оставиме зад себе“, наведува митрополитот Пахомиј во писмото.

Митрополитот посебно укажува дека поставувањето споменици не е само прашање на естетика и уметнички вкус. Според него, јавниот простор не е духовно неутрален, бидејќи симболите што се поставуваат во него испраќаат пораки и влијаат врз вредностите што им се пренесуваат на идните генерации.

Од друга страна, градоначалникот Цветан Ценков при откривањето на скулптурата изјавил дека со неа започнува процес на обновување и поставување нови споменици поврзани со историјата на Видин. Меѓу најавените иницијативи се обновувањето на фонтаната „Чеган“ и изградбата на споменик на Видинскиот митрополит Неофит.

Според бугарскиот медиум „Враца денес“, скулптурата предизвикала критики и од дел од уметничката јавност поради нејзините естетски квалитети. Во медиумските реакции се отвораат и прашања за симболиката на делото и масонското минато на неговиот автор, Јанко Бонев, кој бил поранешен велик мајстор на Обединетата голема ложа на Бугарија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img