Во Бугарија се засилува организираното противење на посетата на Вселенскиот патријарх Вартоломеј, а во иницијативата се вклучуваат и кругови блиски до русофилските, зилотските и радикално антиекуменистичките православни средини. Петицијата, според нејзините автори потпишана од повеќе од 2.100 православни христијани, денеска официјално е доставена до Светиот Синод на Бугарската православна црква.
Отвореното писмо, потпишано од свештеници, монаси и мирјани, е адресирано до бугарскиот патријарх Даниил и митрополитите на Светиот Синод.
Авторите бараат да не биде дозволено сослужување со патријархот Вартоломеј за време на неговата најавена посета на Бугарија, особено во Рилскиот манастир.
Во овој дел од бугарското православно милје, ставовите кон Вартоломеј се крајно остри. Неговата црковна политика е претставена како „ерес“, а екуменизмот како опасност за чистотата на православната вера. Дел од потписниците отворено го повикуваат Светиот Синод да го спречи неговото учество во богослужение.
Меѓу потписниците има свештенослужители и монаси. Во нивните обраќања се повикуваат на каноните на Црквата, на Светите отци и на заветот на свети Јован Рилски.
Особено остри се пораките од дел од монасите и свештениците кои го обвинуваат Вартоломеј за отстапување од православното предание и екуменистички активности.
Од Зографскиот манастир на Света Гора монахот Петар упатува повик за мобилизација, додека други потписници бараат протест пред Рилскиот манастир за време на посетата.
Со ваквите пораки, иницијативата добива карактер на организирана кампања на најконзервативниот и радикално русофислко крило од бугарското православно милје.

