Света Гора како фактор на религиска дипломатија и стабилност

Date:

Share post:

Света Гора може да има значајна улога во современата религиска дипломатија и да придонесува кон стабилноста во време на глобални тензии, оцени гувернерот на Света Гора, Алкивиадис Стефанис, во разговор за „Orthodoxi Alitheia“.

Стефанис говорел за улогата на Атон на предавање во Духовниот центар на Александруполската митрополија, на тема „Религиската дипломатија и Света Гора“. На настанот присуствувале и митрополитите на Александруполис и Дидимотихо, Антимос и Дамаскин.

Според Стефанис, современиот свет се соочува со војни кои ги опфаќаат различните центри на моќ, со комбинирање на воени и политички средства, но и со зголемена несигурност. Во такви услови, смета тој, луѓето сè повеќе бараат мир, стабилност и одговори на суштински прашања, а Света Гора може да понуди духовен простор за такво барање.

„Света Гора е бедем на православието и негов светилник. Таа е работилница на светоста и љубовта, но и столб на сила“, вели Стефанис.

Тој посочува дека на Атон доаѓаат не само христијани од Европа и од другите делови на светот, туку и луѓе од земјите од Персискиот Залив и Блискиот Исток, кои, според него, бараат мир, спокојство и одговори на прашањата што ги отвора современиот свет.

Стефанис ја нагласува и непрекинатата традиција на Света Гора, која повеќе од илјада години го зачувува својот монашки поредок. Според него, токму тоа претставува дел од нејзиното влијание во современиот свет.

Антимос: Света Гора има модел за заедничко живеење

Митрополитот на Александруполис Антимос оценува дека предавањето било особено значајно за градот, кој го опишува како геополитички, геостратешки и културен крстопат.

Тој посочува дека една од темите што ја отворил Стефанис е начинот на кој Света Гора функционира како заедница на автономни манастири.

„Пред илјада години Света Гора имала организациска и административна структура слична на денешните Европска Унија и НАТО“, вели Антимос.

Според него, секој манастир ја задржува својата автономија, додека Света Гора истовремено настапува како целина кон надворешниот свет.

За митрополитот Антимос, ваквиот модел може да биде поучен и во поширок контекст.

„Начинот на кој православните монаси од целиот свет живеат заедно во манастирите на Света Гора треба да нè научи и нас како да живееме во хармонија“, вели тој.

Антимос смета дека религиската дипломатија може да има значајна улога во современиот свет, но предупредува дека директното преземање на иницијативи од страна на атонската монашка заедница би можело да отвори прашања во однос на католичките монашки заедници.

Како можен пат тој го посочува Вселенската патријаршија, преку која, според него, Света Гора би можела да предложи поширок „modus vivendi“, односно наднационален модел на заедничко живеење.

Дамаскин: Црквата треба да создава мостови на разбирање

Митрополитот на Дидимотихо, Орестијада и Суфли, Дамаскин, ја нагласува улогата на Православната црква во создавањето мостови меѓу луѓето.

„Православната црква отсекогаш била сериозен фактор на мир, помирување и цивилизација“, вели Дамаскин.

Тој потсетува и на историската улога на монашката заедница на Света Гора, повикувајќи се на сведоштво од „Алексијадата“ на Ана Комнина за испраќањето свештеници и мисионери кон други народи.

Според него, и денес е потребно православниот духовен и културен придонес да биде присутен во светот.

„Улогата на Црквата е да создава мостови на разбирање меѓу луѓето, тивко и креативно. Самото присуство на Црквата во хаосот што владее на нашата планета денес може да донесе позитивни резултати“, вели Дамаскин.

Тој го издвојува и образовниот аспект на Света Гора, особено преку Атонијадата, каде што се образуваат и ученици од други земји, кои таму го изучуваат грчкиот јазик и православната вера.

Како услов за посилен придонес на религиската дипломатија, Дамаскин ја посочува потребата од поголемо единство меѓу православните цркви, но и меѓу христијанските цркви.

„Помирувањето и хармонијата меѓу православните цркви, како и со другите христијански цркви, мора да се постигнат што е можно поскоро. Тоа би било победа за религиската дипломатија“, заклучува митрополитот Дамаскин.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img