Илјадници поклоници се собраа во манастирот во Рајчица по повод празникот Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст Господов – Крстовден. Во манастирот се чува и реликвија во која е вграден дел од Животворното Дрво Господово.
Празничната Света Литургија ја предводеше Епископот Антаниски г. Партениј, во сослужение со свештенослужители.
За време на богослужбата, во согласност со црковниот чин, пред присутните беше изнесен Чесниот Крст, по што верниците се поклонија пред него.
Во својата беседа, Епископот Партениј говореше за значењето на Крстот во христијанската вера, посочувајќи го како знак на Христовата победа над гревот и смртта и како сведоштво за Божјата љубов кон човекот.
Според него, христијанството не подразбира само почитување на Крстот како знак, туку и негово живеење преку љубов, смирение и саможртва.
„Се возвишува ова некогаш срамно, а сега славно орудие, за да го врзе бесрамниот; се возвишува за да се покаже колку е суетна зависта на неговите непријатели“, се вели во беседата на Епископот Партениј.
Тој порача дека празникот треба да биде потсетник дека Христовата жртва не е одвоена од Воскресението и дека верникот е повикан својата вера да ја сведочи преку сопствениот живот.
По Литургијата, присутните се поклонија пред Чесниот Крст и се помолија пред реликвијата со дел од Животворното Дрво Господово, која се чува во Рајчица.









