Папата Лав XIV денеска ја почнува својата четиридневна апостолска посета на Франција, во рамки на која ќе престојува во Париз, Сен Дени, Лурд и Мец.
Посетата почнува во Париз, каде папата ќе биде примен од францускиот претседател Емануел Макрон во Елисејската палата. Лав XIV потоа ќе им се обрати на претставници на државните институции, граѓанското општество и дипломатскиот кор.
Во рамки на престојот во Париз, папата ќе ја посети и централата на УНЕСКО, каде меѓу темите за кои се очекува да говори е и вештачката интелигенција.
Попладнето Лав XIV ќе отслужи вечерна богослужба во катедралата Нотр Дам, заедно со епископи, свештеници, ѓакони, монаси и монахињи и семинаристи.
Првиот ден од посетата ќе заврши во Стад де Франс во Сен Дени, каде папата ќе учествува на молитвено бдение со млади.
Литургија на Плоштадот на Конкорд
Во сабота, папата ќе го посети Центарот „Мезон Бахита“, посветен на социјална поддршка и интеграција, по што ќе се сретне со членови на Провинциското синодско собрание, катехумени и новокрстени католици во Католичкиот институт во Париз.
Во 15 часот е предвидено Лав XIV да служи Миса на Плоштадот на Конкорд во центарот на Париз. Според најавите, интерес за присуство на богослужбата изразиле околу 600.000 луѓе.
По богослужбата, папата ќе отпатува за Лурд, каде што ќе пристигне во вечерните часови. Неговата прва активност ќе биде молитва во пештерата Масабиел, местото на кое, според католичката традиција, се случиле јавувањата на Пресвета Богородица на Бернадета Субиру.
Неделата папата ќе ја помине во Светилиштето на Пресвета Богородица во Лурд, едно од најпознатите католички поклонички места во светот.
Тој ќе се сретне со епископите од Француската епископска конференција, а во 11 часот ќе служи Миса во светилиштето.
За време на престојот во Франција, Лав XIV се очекува да оствари и приватна средба со седум лица кои, според најавите, биле сексуално злоупотребени од членови на католичкото свештенство.
Во понеделник папата ќе го напушти Лурд и ќе отпатува за Мец, во североисточниот дел на Франција.
Во Мец е предвидено негово учество на меѓурелигиска средба во Конференцискиот центар „Робер Шуман“, по што ќе следува средба под наслов „Кон корените на Европа за мир и единство“.
Последната јавна активност на папата во Франција ќе биде Миса во катедралата „Свети Стефан“ во Мец, закажана за 16 часот.

