Македонците во Мала Преспа и годинава го одбележаа празникот Рождество на Пресвета Богородица – Мала Богородица со богослужба во древната црква „Света Богородица“ на островот Мал Град во Преспанското Езеро.
Според vesnik-ilinden.com, на празникот во храмот од XIV век богослужеше митрополитот Корчански Анастасиј, заедно со отец Алексо од Пустец и други свештеници од Корчанската митрополија.
Празничната богослужба се одржа во храмот „Света Богородица“, изграден во 1345 година, кој се смета за еден од позначајните средновековни споменици во Преспанскиот регион. Храмот е познат и по својот фрескоживопис.
На одбележувањето присуствуваше и претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, кој на присутните им посака здравје, мир и благосостојба.
Празникот Мала Богородица има посебно место во традицијата на Македонците во Мала Преспа, а дел од македонските семејства во регионот го одбележуваат и како домашна слава.
Со празничната богослужба на Мал Град продолжи традицијата на одбележување на Рождеството на Пресвета Богородица во еден од најстарите храмови во Преспанскиот крај.

