Нова монахиња доби манастирот „Пречиста“ кај Кичево. Сестрата Зора денес го прими монашкиот потстриг и името Хрисанта, станувајќи нова монашка сестра во пречистанското сестринство.
Монашкиот потстриг го изврши митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, со што сестрата Хрисанта ги прими монашките завети на послушност, смирение и целомудрие и го започна својот монашки подвиг во манастирот посветен на Рождеството на Пресвета Богородица.
Од Бигорскиот манастир велат дека нејзиното монашко замонашување е двојна радост за манастирот и за епископот Антаниски Партениј.
„Оваа новонасадена фиданка, грижливо одгледана од нашиот Старец, ги положи древните и свети монашки завети на послушност, смирение, целомудрие и целосно распнување за светот“, објави Бигорски.
Монашкиот чин се случи на празникот Рождество на Пресвета Богородица, кога во манастирот „Пречиста“ беше одбележан празникот на храмот каде служеа митрополитот Георгиј и епископот Партениј.
















