Празникот Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица беше одбележан со Света Божествена Литургија во манастирот посветен на Богородица на Матка. Со богослужбата чиноначалствуваше Митрополитот Австралиско-новозеландски г. Никола, додека Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој според најавите поради здравствени причини не служеш.
На празничната Литургија присуствуваа верници, меѓу кои и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, како и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Оливера Трајковска.
Литургијата во манастирот на Матка се служеше со благослов на Архиепископот Стефан, а Митрополитот Никола во празничната беседа говореше за значењето на Успението на Пресвета Богородица и за христијанското разбирање на смртта и вечниот живот.
„Денес земјата го испраќа своето најчисто чедо кон Небото, а Небото ја прима Мајката на Животот“, порача Митрополитот Никола, нагласувајќи дека во празникот на Успението Црквата не гледа само човечка смрт, туку и духовна победа и надеж во воскресението.
Во беседата тој говореше и за ликот на Богородица како избрана Девојка од Назарет, која со своето „да“ на Божјата волја станала дел од домостројот на спасението.
„Онаа која немала царски престол, но во својата утроба Го носела Царот. Онаа која немала златна круна, но над неа се поклонувале сите ангелски чинови. Онаа која немала никаква власт на земјата, но нејзиното ‘да’ ја промени историјата на човештвото“, рече Митрополитот Никола.
На празничната богослужба молитвено присуствуваа голем број верници, а по Литургијата верниот народ пристапи кон Светите Христови Тајни.
Празникот Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица е меѓу најголемите празници во православниот календар и секоја година во манастирот на Матка собира голем број верници.






