Празникот Успение на Пресвета Богородица – „Голема Богородица“, денеска се одбележува во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Долна Матка, каде верниците ќе ја прослават манастирската слава.
За полесно пристигнување до Матка е обезбеден дополнителен превоз. Покрај редовната автобуска линија број 60, по потреба ќе сообраќа и дополнителен автобус до Полициската станица Матка. Од таму, посетителите ќе можат со минибус да продолжат до најблиската пристапна точка до манастирот.
Сестринството на манастирот ги повика верниците да бидат дел од празничното одбележување.
„Со љубов ве очекуваме да ја споделиме празничната радост, литургиски, со соборна молитва и мир. Нека благословот на Пресвета Богородица биде со сите нас. На многаја лета!“, порачаа од сестринството.
Празникот денеска ќе биде одбележан и со хуманитарна иницијатива во Скопје. Црвениот крст на Македонија – Општинска организација Центар, во соработка со Институтот за трансфузиона медицина, организира крводарителска акција под мотото „Твојата хуманост е нечија надеж“.
Акцијата ќе се одржи во Домот на АРМ од 9 до 17 часот, а организаторите очекуваат да бидат собрани меѓу 150 и 180 крвни единици.
На крводарување се повикуваат сите граѓани на возраст од 18 до 65 години кои се чувствуваат здраво, со порака дека со еден личен чин можат да помогнат некому и да спасат човечки живот.
Празникот „Голема Богородица“ е голем празник за Скопје, бидејќи се смета и како патрон на градот.

