Висок претставник на Ватикан во Москва: Ватиканот повторно бара преговори за Украина

Date:

Share post:

Висок претставник на Ватиканот е во официјална посета на Москва, прва посета на ватикански дипломат од ваков ранг во Русија во последните пет години. Архиепископот Пол Ричард Галахер, секретар на Светата столица за односи со државите и меѓународните организации, на 25 август разговарал со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, советникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков и митрополитот волоколамски Антониј, претседател на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија.

Главната тема на разговорот со Лавров била војната во Украина и можностите за нејзино дипломатско решавање. Галахер порача дека Светата столица продолжува да бара прекин на воените дејствија и вистински преговори меѓу Москва и Киев.

„Дипломатијата е особено потребна кога постојат несогласувања“, изјавил ватиканскиот дипломат, нагласувајќи дека комуникациските канали меѓу страните мора да останат отворени.

Галахер посочил дека, и покрај сериозните разлики во ставовите, на средбата биле пронајдени и области во кои е можно соработка, пред сè во хуманитарната сфера.

Меѓу прашањата за кои разговарале биле враќањето на украинските деца кај нивните семејства, состојбата со воените заробеници и цивилите во притвор, размената на информации за исчезнатите лица, повторното спојување на разделени семејства и помошта за ранетите.

„Секој конкретен резултат може да го намали страдањето на луѓето и да помогне во обновувањето на минимално ниво на доверба меѓу страните во конфликтот“, рекол Галахер.

Од руската страна, пак, на средбата биле отворени прашања поврзани со статусот на рускиот јазик и култура во Украина, како и со постапките на украинските власти кон Украинската православна црква.

Истите теми биле дел и од разговорот на Галахер со митрополитот волоколамски Антониј. На средбата присуствувале и апостолскиот нунциј во Русија, архиепископот Џовани Д’Аниело, како и протојереите Николај Балашов и Игор Вижанов.

Посетата на Галахер доаѓа во рамките на долгогодишните напори на Ватиканот да го одржи дипломатскиот канал со Москва, и покрај длабоките несогласувања околу војната во Украина.

Ватикан во повеќе наврати понуди да посредува и да биде домаќин на можни мировни преговори. Претходно во Москва престојуваше и кардиналот Матео Дзупи, специјален пратеник на папата за мировната мисија во Украина.

Во разговорите во Москва биле опфатени и кризите на Блискиот Исток и во Африка, вештачката интелигенција и нејзината воена примена, како и можноста за повторно воспоставување политички консултации меѓу Русија и Светата столица.

По изборот на папата Лав XIV, оваа политика доби нов импулс. Во мај 2025 година Ватикан повторно понуди да биде „неутрално и безбедно место“ за мировни преговори меѓу Русија и Украина, а папата Лав XIV во јули ја повтори понудата во разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Киев позитивно реагираше на предлогот и го наведе Ватикан меѓу можните места за средба на највисоко ниво. Москва, сепак, остана резервирана. Лавров оцени дека Ватикан не е соодветна локација и дека Русија повеќе би преферирала Турција или земјите од Персискиот Залив.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img