Катастрофален порој предизвикан од одрон на мраз и карпи на границата меѓу Тибет и Непал остави зад себе десетици жртви и стотици исчезнати, меѓу кои има голем број странски туристи и верници кои се враќале од аџилак на светата планина Каилаш, пиѓуваат светските медиуми.
Катастрофата се случи на 26 август во областа Ѓиронг, на тибетската страна од границата, кога огромна маса мраз, карпи и вода предизвика разорен порој кој го погодил граничниот премин и околните населени места.
Според најновите информации на Ројтерс, речиси 1.500 лица се водат како исчезнати во Непал и Тибет, меѓу кои повеќе од 800 странски државјани.
На тибетската страна, властите засега потврдиле три загинати лица и 265 исчезнати во областа Ѓиронг, а бројките сè уште се проверуваат.
Меѓу исчезнатите се и аџии кон Каилаш
Верскиот аспект на трагедијата е особено значаен затоа што областа низ која поминуваат погодените патишта е една од главните рути за аџиите кои го посетуваат Каилаш и езерото Манасаровар.
Каилаш се смета за една од најсветите планини во хиндуизмот, будизмот, џаинизмот и бон-религијата. Секоја година илјадници верници патуваат во оваа тешко достапна област за да го извршат традиционалниот аџилак.
Непалските туристички власти соопштија дека меѓу исчезнатите странци има голем број индиски државјани кои биле на аџилак кон Каилаш. Според досегашните податоци, најмалку 133 Индуси од Индија се водат како исчезнати.
77 аџии на Садгуру без контакт
Особено внимание привлече информацијата дека 77 аџии поврзани со фондацијата Isha на индискиот духовен учител Садгуру Јаги Васудев се наоѓале во тибетскиот град Ѓиронг во моментот кога надојдената вода го погодила подрачјето.
Групата се враќала од аџилак на Каилаш Манасаровар и во моментот на несреќата се наоѓала во имиграцискиот центар во Ѓиронг.
Според информациите објавени од индиски медиуми, по ударот на поројот бил изгубен контакт со 77-те аџии. Фондацијата соопштила дека работи со властите и дека се подготвува да помогне во спасувачките операции.
Од вкупно 21 група која била на аџилак, 495 лица веќе безбедно се вратиле, 743 останале во Тибет, 148 биле во Непал, додека 77 лица се наоѓале во погодениот имиграциски центар.
Ројтерс објави дека огромна маса мраз и карпи најверојатно се урнала во речниот систем и предизвикала нагло надоаѓање на водата. Првично се разгледуваше можноста земјотрес да бил причина за настанот, но подоцнежните анализи укажаа на ледено-камен одрон поврзан со глечер.
Поројот уништил патишта, мостови, објекти и инфраструктура, а спасувачките операции се отежнати поради големата количина нанос, прекинатите комуникации и тешко пристапниот планински терен.
Нема потврда дека меѓу исчезнатите има монаси
Иако трагедијата се случи во регион со големо значење за тибетскиот будизам и во близина на свети места, досега нема сигурна потврда од релевантни извори дека меѓу исчезнатите или загинатите има тибетски монаси.
Спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по исчезнатите, додека властите предупредуваат дека бројот на жртвите може да биде зголемен.

