Митрополитот Тирски, Аморгоски и Островски Амфилохиј се огласи по реакциите што во последните денови се појавија околу иконите во светиот манастир „Свети Никола“ во Имеровигли на островот Санторини.
Во повеќе објави на социјалните мрежи се зборуваше за наводна чудотворна појава на иконите во манастирот, што предизвика голем интерес меѓу верниците и јавноста.
Поради реакциите, Светата Митрополија привремено ги издвоила иконите и ги ставила под внимателно набљудување, со цел детално да се испита појавата и да се исклучи можноста за човечка интервенција.
Одлуката предизвика и критики, на кои митрополитот Амфилохиј одговори нагласувајќи дека внимателното испитување на случајот не претставува недостаток на вера.
„Вистинските чуда се плод на Светиот Дух. Тие донесуваат длабок мир, скрушеност и смирение во душата. Не создаваат немир, не разделуваат и воопшто немаат потреба од човечка реклама, застапници или врева на социјалните мрежи“, порача митрополитот.
Митрополитот ги повика верниците да не влегуваат во расправии и осудување, туку да се воздржат од полемики и да пристапат кон случајот со молчание и молитва.
„Со внимание и болка го читам она што се пишува“, порача Амфилохиј, осврнувајќи се на реакциите што следуваа по одлуката на Митрополијата.
Манастирот останува отворен
Во исто време, митрополитот ги демантираше информациите дека манастирот „Свети Никола“ во Имеровигли ја прекинал својата работа.
Манастирот останува отворен за верниците, а богослужбениот живот продолжува непречено и според вообичаениот распоред.
Светата Митрополија продолжува со внимателно следење на случувањата околу иконите, додека верниците се повикуваат да избегнуваат избрзани заклучоци и ширење непотврдени информации.

