На денешен ден пред 116 години во Скопје е родена Агнес Гонџе Бојаџиу – жената која подоцна како Мајка Тереза ќе стане една од најпознатите хуманитарки во светот и светица на Католичката црква.
Годишнината од нејзиното раѓање денеска беше одбележана во центарот на Скопје, на местото каде што се наоѓала нејзината родна куќа. Со положување цвеќе пред спомен-плочата започна програмата посветена на нејзиниот живот и дело, која ќе продолжи со повеќе настани во наредните денови.
Мајка Тереза го напушти Скопје како млада, но нејзиното име остана трајно поврзано со градот во кој е родена. Животот го посвети на најсиромашните и најранливите, а преку „Мисионерките на љубовта“ нејзината мисија прерасна во светско движење.
„Таму каде што семејството Бојаџиу имаше една ќерка која ја пренесе пораката на хуманизмот во целиот свет, позната како Мајка Тереза“, рече првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, кој денеска присуствуваше на одбележувањето.
За својата работа со сиромашните и болните, Мајка Тереза во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир. Осумнаесет години подоцна почина во Калкута, а во 2016 година беше прогласена за светица од Католичката црква.
Нејзиното име денес се поврзува со Скопје, Калкута, но пред сè со идејата дека помошта кон човекот во неволја не познава граници.
Одбележувањето на 116-годишнината од нејзиното раѓање во Скопје ќе продолжи во наредните десетина дена со повеќе содржини посветени на нејзиниот живот, хуманитарната работа и духовното наследство.

