Епископот Ексамилиски Епифаниј, кој е викарен епископ на Вселенскиот патријарх Вартоломеј не дошол во Македонија и во Бигорскиот манастир поради „дипломатска болест“, откриваат за Религија.мк, доброупатени дипломатски извори, кои веќе подолго време ги следат односите на МПЦ-ОА и останатите помесни православни цркви.
Иако неговото доаѓање беше најавено за 6 јули, каде вечерта требаше да го предводи сеноќното бдение во Бигорскиот манастир, за манастирската слава, а следниот ден, на 7 јули, беше најавена и света архиерејска Литургија, предводена од митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, а на која требаше да сослужува Епифаниј, тоа не се случи.
Бигорскиот манастир по настанот, само кратко, во една реченица објави дека: „со искрено жалење беше примена веста дека, и покрај претходната најава и нашата радосна надеж за неговото присуство, Преосвештениот епископ Ексамилиски г. Епифаниј не беше во можност да допатува, поради непредвидени здравствени причини“, со што практично неговото отсуство остана незабележано во јавноста.
Но, според дипломатските извори на Религија.мк, не станува збор за здравствени прични, туку за „допломатска болест“. Тие откриваат дека вистинската причина за неговото недоаѓање е што МПЦ-ОА не му дозволила да учествува во литургијата и во сеноќното бдение, туку понудила опција тој само молитвено да присуствува на настаните со сите почести, но без право да служи. Главната причина била што Епифаниј бил хиротонисан за епископ во Православната црква на Украина.
Нашите допломатски извори од кругот на стратешките партнери на државата откриваат дека тоа се случувало само неколку дена пред Епифаниј да дојде во Македонија и тоа по реакција на Руската црква, чин што повторно укажува на големото руско влијание врз МПЦ-ОА.
Веста за доаѓањето на Епифаниј во Македонија ја објави Религија.мк на 2 јули, повикувајќи се на соопштение за прославата на манастирската слава објавено од Бигорски. Нашите извори велат дека два дена подоцна, на 4 јули, односно само два дена пред најавеното доаѓање, Епифаниј бил известен за промените во протоколот, што според нашите извори се толкува како исклучително непочитување и недипломатско однесување од страна на МПЦ-ОА. Причината ја лоцираат во вмешувањето на Руската црква во вантрешните работи на МПЦ-ОА со цел да спречи негово сослужување со архијереи на МПЦ-ОА.
Од друга страна пак, Религија.мк, побара одговори од МПЦ-ОА, од каде велат дека такво нешто немало и дека недоаѓањето на Епифаниј е поради здравствени причини.
И од Бигорскиот манастиор, за чија слава требаше да дојде викарот на Вартоломеј, велат дека главните причини се здравствени и нема друга позадина. Истовремено тие посочуваат дека на манастирската слава присуствуваше Гувернаторот на Света Гора, цивилниот управител, Алкивијадис Стефанис, кој практично е и Архонт на Вселенската и на Александриската патријаршија, што укажува на тоа дека ако имало друга причина немало ниту тој да допатува во Македонија. Дополнително појаснуваат и дека последната посета на епископот Антаниски Партениј и монашкото братство на Света Гора, каде се служеа литургии е со благослов на Вселенскиот патријарх Вартоломеј и со благослов на Дебарско-кичевствиот митрополит Георгиј, што исто така го акцентираат во контекст на добрите односи со Вселенската патријаршија, кои не би биле така добри ако претходно се случила каква било забрана за служење на викарот на Патријархот Вартоломеј.
Но од друга страна пак нашите дипломатски извори се децидни дека скандалот се случил и дека Вселенскиот патријарх Вартоломеј бил сериозно навреден од однесувањето на високиот клир на МПЦ-ОА, иако многупати имал разбирање за ситуацијата во која се наоѓа МПЦ-ОА и сакал да помогне. Тие во тој контекст ја толкуваат и оваа посета на епископот Ексамилиски Епифаниј, која требаше да се случи, а не се случи.
Епископот Ексамилиски Епифаниј е викарен епископ на Вартоломеј од мај 2026 година. Поточно Синодот на Вселенската патријаршија 26 и 27 мај 2026 година, го избрал Епифаниј за епископ на Ексамилиј, викарен епископ при Вселенскиот патријарх, откако го разгледала канонското отпусно писмо што го испратила Православната црква на Украина, каде тој во мај 2019 година бил избран и хиротонисан за епископ Олвиски, со задача особено да се грижи за грчкојазичните православни верници во Украина. Во хиротонијата во 2019 учествувале и митрополитите Емануил Халкедонски и Амфилохиј Адрианополски од Вселенската патријаршија, кои заедно со поглаварот на ПЦУ, митрополитот Епифаниј го хиротонисале за епископ на ПЦУ, кој во оваа црква ќе остане се до 26 мај, откако на 11 мај 2026 година, ќе поднесе оставка од функцијата во ПЦУ и со канонско отпусно писмо ќе побара да премине во јурисдикцијата на Вселенската патријаршија.
Но Епифаниј практично доаѓа од Грчката црква, поврзан со Митрополијата Димитријада и Алмирос на Црквата на Грција, каде ги добил свештеничкиот, монашкиот и архинадритскиот чин уште во деведсетите години.
Иако тој е ракоположен во црква со која МПЦ-ОА нема спопрен однос, сепак за МПЦ-ОА спорна била неговата хиротонија за епископ, бидејќи е направена во ПЦУ, црква со која МПЦ-ОА не сослужува.
Но, токму во тој дел нашите извори велат дека требало да се случи чекор напред во односите со Вселенската патријаршија и надминување на едно од отворените прашња. Сослужувањето на Епифаниј со Георгиј и Партениј, Вселенската патријаршија би го толкувала и како премостување на проблемот со УПЦ, односно тоа би бил голем чекор во односите МПЦ-ОА-Вселенска патријаршија-ПЦУ. МПЦ-ОА би признала на еден начин хоротонија од ПЦУ, а со тоа и индиректно сослужување, иако формално Епифаниј сега е клирик на Вселенската патријаршија, што за Фанар, за почеток, би било доволно за симнување на ПЦУ од дневиот ред во односите со МПЦ-ОА.
Од друга страна пак, информациите од МПЦ-ОА велат дека ако тоа навистина би било така, тогаш со тој план на Фанар би требало да биде запознаена и МПЦ-ОА претходно и се тоа да се одвива во некаков меѓусебен однос, нешто што не било случај и повторно потенциират дека недоаѓањето на Епифаниј во Македонија е резултат на здравствени причини.
Нашите дипломатски извори предупредуваат дека доколку МПЦ-ОА продолжи да орбитира во кругот на Руската црква и да го избегнува контактот со Фанар, Вселенската патријаршија може тоа на некој следен Синод да го протолкува како откажување од бараната автокефалност и да донесе одлука со која МПЦ-ОА ќе ја смести и признае како автономна црква во рамки на јуриздикцијата на СПЦ, со што би го затворила ова прашање на долг рок. Во таков случај многу веројатно е најголемиот дел од помесните православни цркви да го прифатат тоа решение, меѓу нив и Романската, која сега го спомнува Архиепископот Стефан, но со појаснување дека чека официјална одлука од Фанар, што може да резултира и со бришење на неговото име од диптихот на Романската црква.
Како СПЦ ќе се постави тогаш, нашите дипломатски извори велат: „Ќе покаже времето“.


Тезата што овде ја поставувате е опасна и фактички авторот на таа теза е по дефиниција оспорувач на автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Значи, може да сте автокефална Православна Црква (со Своја ерархија, со Свој Поглавар, со свое монаштво, со свое Стадо, со Свој типик, со Свој календар, односно со Свој избор во однос на последниве две и др. прашања), а некоја или сите останатие Помесни Цркви да не го прифаќаат вашиот автокефален статус. Но, автокефалноста по дефиницја значи самостојно одлучување, самостојно дејствување итн. Она за што овде се залагате е парче хартија, документ за прифатен статус на автокефалност од страна на Цариградскиот Патријарх, којшто според овде постојано изложуваните тези во извесна (неодредена, но сериозна мера) би ја лишила Помесната Црква од суштинската автокефалност (имајќи ги предвид сите досегашни барања за восогласување со политиките на Цариградската Патријаршија).
Освен тоа, таквото измеќарско стојалиште промовирано секојдневно во круговите кои не знам каде ги наоѓате за да ги цитирате или интерпретирате, постојано се темели на подметнување лажни тези.
Имено, принципот на реципроцитет грубо кажано би морал да биде природен меѓу две автокефални Цркви, барем во основата на првичните основи, на втемелувањето на тие односи, а правото на реципроцитет е неодземливо својство на автокефалноста a priori.
Во таа смисла, Македонската Православна Црква не и’ го оспорува автокефалниот статус на Константинополската Патријаршија на ниеден начин (дури често ја нарекува и Вселенска, како израз на посакуваната почит од страна на некогашната Мајка-Црква, на Која И’ благодари најнапред затоа што им ги дала Св. Кирил и Методиј на сите словенски Цркви, а потоа и за Нејзиниот историски удел во севкупното православно наследство). Не и’ ускратува никаква почит и внимание, никогаш не го правела тоа. Дека и обратно постои или постоел во текот на историјата таков однос, не може да се каже, иако Цариградската Патријаршија била мошне свесна за постоењето на Македонска Православна Црква можеби не како правно регулиран ентитет, но како суштествено активно Тело Христово – повеќе од апсолутно (македонските светители, меѓу кои Свети маченици, Св. Цар Јустинијан, многубројни преподобни подвижници и Свети богослови со векови се или игнорирани или преименувани или присвојувани од другоетнички обоени структури на православна Византија, нивното етничко потекло било добро познато, но не и земано предвид)
Но, да се бара една автокефална Црква да ги усогласи сите Свои односи со желбите, ставовите и севкупната надворешна црковна политика на Константинополската Патријаршија (односите со секоја Помесна Црква поединечно) за цели на прифаќање на Нејзиниот автокефален статус, е de facto директно оспорување, па и анулирање на автокефалноста на Македонската Православна Црква, тоа е барање за подвластување.
Па ако вие тврдите дека Руската Православна Црква тајно И’ наложува на Македонската Православна Црква да гради ваков или онаков однос со Православната Црква во Украина или со која било Помесна Црква, тогаш не можете да согледате дека за жал Фанар тоа го прави отворено? Или не е важно – тоа е Фанар!
Не е нешто ново во историјата на Црквата, но ова однесување на Фанар денес отворено го доведува во прашање поимот ‘автокефалност’ како таков. “Докажете дека не сте на ниеден начин самостојни за да ви дадам Томос за автокефалност.” Така може да се преведе. Ваква безусловна восогласеност на меѓусебните односи на Помесните Цркви Константинополската Патријашија во Нејзинте славни историски периоди не барала. Ниту имала еклисиолошка терминологија каква што крајно марифетно воспоставува денес, преминувајќи од првенство по чест во првенство по власт. Волјата на Константинополскиот Патријарх Вартоломеј да го реши прашањето за статусот на Македонската Православна Црква е скапоцена сама по себе, но засега излегува од духот на неприкосновената слобода со која Св. Фотиј Цариградски го сведочеше своето првенство по чест (евангелизирајќи ги словенските народи со огромна безусловна љубов) без да помисли да ја носи титулата ‘Вселенски’ која и тоа како му прилегаше. Не е толку далеку од оваа слава Патријархот Вартоломеј, само за жал не наоѓа политичка поддршка кај Грците (Св. Фотиј ја имал од византискиот цар, дури во некои извори стои и дека византискиот цар Михаил Трети бил иницијатор за покрстувањето на Словените) ниту сила да го надмине јазот меѓу ‘византиското’ и ‘вселенското’.
Коментарот на извесната Ангелина звучи прилично самоуверено, но во него се измешани историја, канонско право, современа политика и национална идеологија, па од неколку точни општи констатации се извлекуваат заклучоци што воопшто не следуваат од нив. Најслаба му е токму историската подлога.
Најнапред, тврдењето за свети Фотиј е фактички погрешно. Реченицата дека свети Фотиј „не помислил да ја носи титулата ‘Вселенски’“ може многу лесно да се провери од изворите. Титулата „Вселенски патријарх“ не е никаков изум на патријархот Вартоломеј, ниту производ на некаква современа фанариотска еклисиологија. Најдоцна во времето на свети Јован IV Посник, кон крајот на VI век, нејзината употреба е несомнено засведочена. Толку е несомнена што свети Григориј Велики во своите писма токму со Јован полемизира околу значењето на таа титула. Значи, може да се разговара како ја разбирале Рим и Константинопол, но невозможно е да се тврди дека титулата тогаш не постоела.
Уште понепријатен за тезата на коментаторот е самиот свети Фотиј Велики. Во 867 година папата Николај I, полемизирајќи со Константинопол, изречно се жали дека Фотиј во своите списи се нарекува „архиепископ и вселенски патријарх“ (archepiscopum atque universalem patriarcham). Тоа е современо сведоштво од негов противник, а не доцна фанариотска реконструкција. Уште појасно, во актите на големиот Цариградски собор од 879–880 година, во присуство на папските легати и претставниците на источните патријаршии, митрополитот Јован Ираклиски го нарекува Фотиј „нашиот пресвет владика и Вселенски патријарх“.
Оттаму, реченицата дека свети Фотиј „без да помисли ја носел само честа, но не и титулата Вселенски“ не е толкување, туку историски неточна конструкција. И токму свети Фотиј е многу лош пример за обидот Константинополското првенство да се сведе на протоколарно место без реални канонски функции.
Истото важи и за постојаното повторување „првенство по чест, а не првенство по власт“. Формулата е точна само ако правилно се разбере. „Првенство по чест“ никогаш не значело „чесно место без никакви канонски прерогативи“. Уште Третиот канон на Вториот вселенски собор во 381 година му го определува на Константинопол второто место по Рим затоа што е Нов Рим. Халкидон потоа не зборува само за протокол: 28. канон му признава на Новиот Рим конкретни привилегија и определени права во Понт, Азија и Тракија, додека 9. канон експлицитно предвидува, во одредени црковносудски случаи, прибегнување до престолот на Цариград.
Тука доаѓаме и до главната концептуална грешка во коментарот: автокефалноста се претставува како државен суверенитет. Тоа не е православна еклисиологија. „Автокефална“ не значи „црковно суверена држава што никому ништо не должи“. Таа значи висок степен на внатрешно црковно самоуправување – сопствен Архиерејски собор, избор на својот првојерарх, сопствено уредување на внатрешниот живот итн. Но секоја автокефална Црква истовремено постои во однос со другите Цркви, во евхаристиско општење, канонски поредок и соборност.
Всушност, самиот 34. Апостолски канон, кој е една од класичните икони на православната соборност, не учи ни апсолутизам на првиот ни апсолутна независност на останатите: епископите не треба да прават нешто од поголемо значење без првиот, но ниту првиот без нив. Тоа е взаемност, не суверенистичка изолација.
Затоа и тезата дека „правото на реципроцитет е неодземливо својство на автокефалноста a priori“ е внесување на категорија од меѓународното право во еклисиологијата. Помесните Цркви не се амбасади на суверени држави. Тие се делови на едната Црква. Има еднаквост во епископското достоинство и полнотата на црковниот живот, но постои и канонски поредок, диптиси, првенства и различни историски и канонски компетенции.
Уште послабо е потсмевањето со Томосот како со „парче хартија“. Црковниот акт не е магична хартија, но е јавен, канонски документ со кој една Црква формално определува и соопштува црковен статус и врз основа на кој тој статус се прима во меѓуцрковните односи. И тоа право да доделува Томос за автокефалност според каноните го има исклучтено Вселенската Патријаршија.
Уште повеќе, не треба некој од страна да ѝ објаснува на нашата Црква дека односот со Цариград наводно ја „понижувал“. Во јуни 2022 година самиот Архиепископ Охридски г. Стефан јавно говореше за поднесената еклитон-апелација, за нејзиното прифаќање од Вселенската Патријаршија и за обновувањето на црковното општење; Патријаршиската и Синодална одлука од 9 мај ја нарече темел врз кој ќе се гради иднината. Тоа стои во официјалната објава на самата Вселенска Патријаршија. Значи, да се претставува секое признавање на канонската улога на Константинопол како „оспорување на МПЦ-ОА“ значи, по таа логика, да се обвини и самиот поглавар на МПЦ-ОА дека ја оспорувал сопствената Црква – што е очигледно апсурдно.
Исто така, во коментарот постојано се повторува дека Фанар наводно бара МПЦ-ОА „да ги усогласи сите свои односи со целокупната надворешна политика на Константинопол“. Но каде е документот? Кој официјален Патријаршиски и Синодален акт го содржи принципот: „немате право самостојно да одржувате односи со Помесните Цркви“? Тоа е крупно обвинение и за него е потребен конкретен извор, член и формулација. Без тоа, од една можна разлика во ставовите околу конкретно меѓуправославно прашање се создава карикатура: „Константинопол бара целосна покорност“. Таква теза прво треба да се докаже, а не да се внесе како премиса и потоа од неа да се извлекува заклучок.
Особено проблематичен е и делот во кој византиската црковна историја се чита преку модерни национални категории: „македонски светители биле преименувани“, „другоетнички обоени структури на православна Византија“ итн. Тоа е анахрон метод. Поимите Ромеец, Македонец, Грк, Словен, област Македонија, тема Македонија, етничко и политичко припадништво немале во VI, IX или XI век идентична смисла со националните категории на XIX–XXI век. Ако се тврди дека конкретен светител бил намерно „етнички присвоен“, тоа треба да се покаже светител по светител, извор по извор. Не може современа национална карта да се стави врз Византија и потоа да се обвини Византија дека не ја почитувала.
На крајот, особено иронично е повикувањето токму на свети Фотиј против „Вселенскиот“ карактер на Константинопол. Свети Фотиј е еден од најсилните историски сведоци токму за древната самосвест и првенствена улога на Цариградската Црква. На Соборот од 879–880 тој не настапува како поглавар на некаква национална византиска Црква затворена во себе, туку во рамките на општата црковна грижа, во комуникација со Рим и останатите источни патријаршиски престоли; а самиот Собор јасно го именува „Вселенски патријарх“.
А ако треба да ја сведеме работата на една реченица: пред да го обвинуваме денешниот Фанар дека измислува „нова еклисиолошка терминологија“, би било добро најнапред да не му одземаме на свети Фотиј Велики од IX век титула со која го именуваат неговите современици.