„Софија прајд“ и „Поворката за семејството“ се одржаа истовремено во главниот град на Бугарија, СОфија.
Настаните се одржуваат на ист датум, но со различна идеологија – од поддршка и еднаквост за ЛГБТ+ заедницата во Бугарија до зачувување на традиционалните семејни вредности.
Популарни бугарски музичари настапија во Кнежевата градина за време на овогодишниот прајд во Софија. Со шарени костими и слободен дух, илјадници луѓе се собраа под мотото „Различни сме, а си личиме“.
Ирина Атанасова, учесничка на прајдот, вели дека е таму за да ги поддржи различните. Таа објаснува дека ги довела и своите деца, бидејќи сака да ги научи да ги сакаат и поддржуваат луѓето што се различни.
Оваа година парадата става акцент на рамноправноста, достоинството и признавањето на различните облици на семејство и партнерство.
„Имаме уште работа, но сме на вистинскиот пат и се надевам дека во следните години ова ќе стане празник, а не борба за остварување права. Да славиме, а не да се бориме, и секој човек да се радува и да ги прифаќа различните“, коментира учесничка на прајдот.
„И да земаме пример од Грција, каде што имаат две парад – во Солун и Атина. Како да сме на различни континенти од нив, а всушност сме толку блиску“, додава друга учесничка.
Засилени се мерките за безбедност, а на влезовите кон сцената се вршат проверки за опасни предмети. Поворката ќе заврши кај јарболите пред Националниот дворец на културата.
Бугарскиот патријарх и софиски митрополит Даниил ја предводеше Поворката за семејството и категорично ја изнесе позицијата на Бугарската православна црква.
„Во денешно време животот е изложен на многу предизвици, а најстарата човечка институција – семејството, особено децата, се изложени на овие искушенија и на оддалечување од Бога. Важно е Црквата да го издигне својот глас“, рече патријархот Даниил.
„Оваа поворка за семејството не е организирана како спротивставување, туку како повик луѓето да се приклучат кон Божјата љубов. Следната година оваа поворка целосно ќе биде организирана од Црквата и нема да се одржува на истиот ден кога се одржува овој таканаречен прајд“, посочи бугарскиот патријарх и софиски митрополит.
Патријархот Даниил отслужи и литургија во храмот „Света Недела“, со молебен за бугарското семејство.
Еден час подоцна започна шестото издание на Поворката за семејството. Главната порака, според организаторите, е поддршка за семејството засновано врз традиционалните христијански вредности и разбирањето на бракот како заедница меѓу маж и жена.
Поворката помина низ центарот на Софија до плоштадот пред храмот-споменик „Свети Александар Невски“, каде што се одржи концерт со учество на Ваља Балканска и други познати имиња.

