Бугарскиот патријарх Даниил го предводеше „Маршот за семејството“, организиран во поддршка на младите и многудетните семејства. Од Светиот Синод се спротивставија на парадата на Гордоста во Софија, и истакнаа дека нема да престанат да се молат за секој човек.
Маршот за семејството се одржа од храмот „Света Недела“ до храмот-споменик „Свети Александар Невски“.
Иницијативата се одржа под покровителство на Софиската света митрополија и започна со молебен што го отслужи бугарскиот патријарх. Потоа поворката помина низ центарот на Софија, а учесниците ја изразија својата поддршка за традиционалните вредности.
Патријархот Даниил изјави дека Црквата ги повикува државните институции да направат сѐ што е потребно за да ги заштитат не само темелите на семејството, какви што со векови биле за Бугарите, туку и да ја зачуваат уставната одредба според која бракот е доброволен сојуз меѓу маж и жена.
„Оваа поворка, која е Марш за семејството, не е за спротивставување и не е протест, не е контраповорка, туку е повик до сите луѓе да се приопштат кон Божјата љубов“, рече патријархот.
Според неговите зборови, Господ не ја сака смртта на грешникот, туку да се покае и да биде жив.
„Тоа го правиме и ние“, нагласи патријархот Даниил.
Симона Веселинска изјави: „Тука сме со нашите три ќеркички за да го поддржиме она што Бог го создал – првата институција. Семејството е највредното нешто што некој може да го има.“
Радостина Терзијска рече: „Семејството е единствената институција што стои цврсто како карпа. Ние веруваме во тоа. Сакаме нашите деца да живеат во љубов, во мир и во време на благосостојба.“
/БНТ

