Бесарабскиот митрополит и архиепископ на Кишињев, митрополит Петар Падурару, кој раководеше со јурисдикцијата на Романска православна црква во Молдавија, поднесе оставка од својата должност на 26 мај, а таа веднаш беше прифатена од патријарх Даниел, со важност од 1 јуни 2026 година. Патријархот Даниел за местобљустител на Бесарабска митрополија го назначи митрополит Теофан.
Според официјалните информации, причините за повлекувањето се возраста на митрополитот (79 години) и здравствените проблеми. Според наводите во молдавските медиуми, вистинската причина е објавувањето видеоматеријали во кои наводно се појавува веќе поранешниот митрополит во хомосексуални дејства. Според истите медиуми, овие материјали претходно биле испратени до сите институции на Романската православна црква.
Од Бесарабската митрополија одбиле да ги коментираат материјалите, со образложение дека „денес со вештачка интелигенција е можно да се создадат најразлични видеоматеријали“, а и дека митрополијата веќе има ново раководство.
Поранешниот митрополит Петар (Падурару) е роден во 1946 година во Молдавија и важеше за највлијателната личност во романското православие во Бесарабија, како и член на Светиот синод на Романската православна црква.
Во 1967 година се запишал на Одеска духовна семинарија, а во 1969 година бил замонашен од архиепископ Сергиј. Од 1990 година бил игумен на Капријански манастир.
Со одлука на Светиот синод на Руска православна црква во 1990 година бил избран за Белечки епископ, викар на Кишињевската епархија, а хиротонијата била извршена во Кишињев од патријарх Алексиј II.
Само една година подоцна преминал под јурисдикција на Романската патријаршија. Во 1992 година бил избран за местобљустител на Бесарабската митрополија, а во 1995 година официјално станал „архиепископ на Кишињев, митрополит на Бесарабија и егзарх на пределите“, должност што ја извршуваше повеќе од три децении.
Во тој период го координирал процесот на реорганизација на Бесарабската митрополија и имал клучна улога во добивањето на нејзиното официјално признавање од државата Република Молдавија по победата пред Европски суд за човекови права во 2002 година.
Покрај романската јурисдикција во Молдавија, таму дејствува и Митрополија на Кишињев и цела Молдавија. По почетокот на руската војна против Украина, тензиите меѓу двете црковни јурисдикции значително се засилија.
Пред десет години Романската патријаршија беше потресена од сличен скандал поврзан со епископ Корнелиј, за кого беа објавени видеоматеријали со хомосексуални дејства со малолетници. Поранешниот јерарх се соочи со романското правосудство и беше осуден за силување и сексуални злоупотреби.
/dveri.bg

