Мисијата на светите браќа Кирил и Методиј има непроценлива улога во промовирањето на стремежот за еднаквост на народите и рамноправност на јазиците, но и во создавањето на македонската писменост. Горди сме што нивното просветителско и духовно наследство е длабоко поврзано со нашата татковина, со Охрид како еден од најзначајните центри на словенската писменост, пишува лидерот на СДСМ, Венко Филипче во честитката.
Денес кога се шират измислени и лажни закани за македонскиот јазик и идентитет, важно е да потсетиме дека никој не може да го загрози она што е меѓународно потврдено. Благодарение на државничките одлуки на СДСМ, македонскиот јазик е признат и рамнправен во Европската Унија. Македонскиот идентитет е потврден. Тоа се факти кои не може да ги избрише ниту една дневнополитичка манипулација. Светите Кирил и Методиј нè учеа дека напредокот доаѓа преку знаење, просветителство и отвореност кон светот. Токму затоа нашата обврска денес е да го чуваме и унапредуваме македонскиот јазик, но и да обезбедиме европска иднина за младите генерации, вели Филипче.

