Марко служеше панихида за борците од Разловечкото востание

Date:

Share post:

Епископот Делчевско-каменички Марко, со повеќе свештеници отслужи панихида за паднатите борци за слобода од Разловечкото востание во црквата „Св. цар Константин и царица Елена“ во Разловци, во присуство на Премиерот Христијан Мицкоски, и висока владина делегација.

Селото Разловци да се прогласи за заштитена историска целина-културно наследство од особено значење на Македонија. Ова е Иницијативата од Општина Делчево, месната заедница во с. Разловци, пошироката јавност и почитувачи на македонската историја до Управата за заштита на културното наследство и Министерство за култура и туризам која јавно ја испорача градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски во своето обраќање по повод чествувањето на 150- годишнината на Разловечкото востание што денеска се одржа во с. Разловци.

-Ние како одговорни луѓе ќе го чуваме, промовираме и ќе ја раскажуваме вистината за Разловци која мора да ја слушаат нашите деца, да ја научат и да ја знаат, за да ја остават на своите наследници како аманет, нагласи Гоцевски.

Премиерот Христијан Мицковски во своето обраќање потенцираше дека треба да ја чуваме и да ја градиме државата и да не дозволиме никој да ја понижува. Во говорот тој повика на обединување за државните и националните интереси затоа што, како што рече, ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината и ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца.

И кога денес се поклонуваме пред хероите од Разловци, мора да разбереме дека нивната борба не била само за тогашното време. Таа борба трае и денес, само во поинаква форма. Денес, татковината не ја браниме со пушка в рака. Денес, ја браниме со мудрост, со работа, со економски развој, со силни институции, со образование, со национално единство и со достоинствено водење на државата. Но, суштината останува иста – дали ќе имаме доволно храброст да останеме свои и да не дозволиме никој да одлучува наместо нас – рече премиерот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here