Светиот синод на Православната црква на Украина, кој заседаваше на 11 мај во Патријаршиската резиденција во Киев под претседателство на митрополитот киевски Епифаниј, упати остра порака против групата што и понатаму се претставува како „Украинска православна црква – Киевска патријаршија“, оценувајќи дека станува збор за „маргинален обид за создавање раскол зад кој јасно се гледаат руски интереси и влијанија“.
Во официјалното соопштение по седницата, Синодот потсети дека со одлуките на Помесниот собор на Украинската православна црква – Киевска патријаршија и Обединителниот собор од 15 декември 2018 година, тогашната Киевска патријаршија престанала да постои како посебна јурисдикција и целосно влегла во составот на Православната црква на Украина.
Синодот нагласи дека називите „Украинска православна црква – Киевска патријаршија“ и „Киевска патријаршија“ законски ѝ припаѓаат на Киевската митрополија на Православната црква на Украина, како единствен правен наследник на поранешната верска структура, предупредувајќи дека нивната неовластена употреба претставува прекршување на законот.
Во текстот се наведува дека групата која продолжува да дејствува под името „Киевска патријаршија“ брои само неколку лица, од кои повеќето живеат надвор од Украина, и дека таа не претставува верска организација, туку користи црковни симболи и имиња за сопствени цели.
Синодот исто така соопшти дека лицата кои се претставуваат како „епископи“ на оваа структура никогаш не биле епископи и не припаѓаат на јерархијата на Православната црква на Украина.
На седницата била донесена и одлука за расчинување на неколку претходно суспендирани клирици, меѓу кои монахот Никодим Кобзар, кој се претставува како „патријарх“, како и Михајло Коваљук и Никон Храбљук, кои се нарекуваат „митрополити“. Според Синодот, тие никогаш не биле епископи, а сега го изгубиле и свештеничкиот чин што претходно го поседувале.
Во исто време, Светиот синод ги поздрави процесите на помирување, наведувајќи дека околу дваесет парохии и клирици кои претходно не биле во евхаристиско општење со Православната црква на Украина, веќе го обновиле единството со Црквата.
На крајот од соопштението, Синодот ги повика преостанатите одвоени групи да се помират со Помесната црква, покажувајќи „љубов кон Бога и кон Украина“.
