Во јавноста се појавија сериозни обвинувања за физичко и психолошко насилство врз деца во Банченскиот манастир на Украинската православна црква (Московска патријаршија) во Буковина. Случајот беше претставен во документарен прилог емитуван на телевизискиот канал „Еспресо“, во кој поранешни штитеници на сиропиталиштето при манастирот сведочат за злоупотреби.
Според сведоштвата, манастирот со години бил претставуван во јавноста како пример за грижа за сираци, со уредни простории и дисциплинирана средина. Но, поранешни ученици зборуваат за физичко насилство, психолошки притисок, принудна работа, заплашување и строг надзор. Дел од нив опишуваат тепања, понижувања и недостиг на социјална поддршка по напуштањето на установата.
Во прилогот се изнесуваат и наводи дека девојчиња биле принудувани на брак, изложувани на понижувачки постапки, додека момчиња биле тепани со палки. Се споменуваат и случаи на принудна работа, за што е покрената кривична постапка. Според изјави на украинскиот пратеник Микола Књажицки, истрагата трае речиси една година, но досега обвиненијата се однесуваат само на трудова експлоатација, а не и на потешките наводи.
Настојател на манастирот е епископот Лонгин (Жар), кој во јавноста е познат по своите политички изјави. Украинските безбедносни служби соопштија дека против игуменот на манастирот „Свето Вознесение Господово“ при Черновицко-буковинската епархија на УПЦ (МП) е покрената постапка за поттикнување меѓурелигиска омраза, согласно член 161 од Кривичниот законик на Украина.
Покрај тоа, во Буковина е отворена и истрага за наводна организација на шема за илегално изнесување на лица кои се криеле од мобилизација, при што, според обвинението, бил користен просторот на Вознесенскиот Банченски манастир. Во медиумите се наведува дека во тоа бил вмешан помошник на митрополитот Лонгин.
Случајот предизвика широк одек во украинската јавност, а истрагите се во тек. Надлежните институции најавуваат понатамошни проверки и утврдување на одговорноста во врска со наводната експлоатација и злоупотреба на деца во сиропиталиштето при манастирот.
Од друга, страна, пак, манастирот е широко познат и признат во православниот свет по својата мисија на згрижување на деца сираци и деца отфрлени од семејствата поради инвалидитет.

