Патријархот на Српската православна црква Порфириј, на Светосавската академија во Белград, изјави дека од животниот пат на Свети Сава можат да се извлечат поуки и да се применат во денешните околности – дека најнапред скараните и поделени браќа треба да се помират и српскиот народ да остане единствен.
„Тоа би ни го рекол Сава – да ги потсетиме скараните браќа дека делот не е поважен од целината, ниту кој било партикуларен интерес од интересот на народот; дека сите сме неопходни едни на други; дека треба да стекнуваме пријатели на влијателни места, ширум светот; да ги негуваме тие пријателства; дека пријатели треба да ни бидат и оние кои не го делат нашиот поглед на светот, но и дека треба да ги имаме и меѓу оние кои се поинакви од нас“, рече Порфириј.
Тој истакна дека советот на Свети Сава, врз основа на она што и самиот го правел, би бил да се бориме за интересите на државата и народот.
„Да ја научиме важноста на свртувањето на вниманието на светските моќници кон нашиот агол на согледување на работите; да сфатиме дека вистината не е самоочигледна; дека за нас ќе се знае онолку колку што ќе се потрудиме; да ги следиме промените во светот и да настојуваме од нив да извлечеме и поволни околности и добробит за нашиот народ и нашата земја“, наведе патријархот.
Тој додаде дека српскиот народ треба мудро да се постави во однос на сложените судири на големите сили и нивните конфликти да не му донесат поголема штета отколку корист.

