Неодамна во зградата на Бугарската Патријаршија се одржала средба помеѓу Патријарх Даниил и пратеничката група на БСП – Обединета левица, предводена од г. Атанас Зафиров, претседател на БСП и заменик премиер.
На средбата биле дискутирани предложените измени и дополнувања на Законот за предучилишно и училишно образование, со кои се предвидува воведување на предметот „Добродетели и религии“ како задолжителен дел од наставната програма.
На состанокот присуствувале и митрополит Антониј од Европската епархија на БПЦ, епископот Герасим – генерален секретар на Светиот Синод, како и доц. д-р Марија Ќосева – правен советник на Синодот.
Патријархот Даниил накратко го претставил ставот на Светиот Синод во однос на законопроектот и ги нагласилпридобивките од воведувањето на предметот во училиштата. Тој потсетил и на искуството што го има Бугарската православна црква во изработка на наставни програми и учебници по предметот „Религија – Православие“.
Г. Зафиров и пратениците ги споделиле дилемите што произлегле од средбите со граѓаните во нивните изборни единици. На средбата биле разменети мислења и разгледани повеќе прашања околу самиот процес на интеграција на предметот, меѓу кои и кадровската подготвеност за наставата, изработката на наставните програми по различни профили, како и роковите за постепено воведување на предметот.
Двете страни се согласиле дека предметот „Добродетели и религии“ ќе придонесе за подобро образование и воспитување на младите, како и за формирање на особини потребни за нивниот развој како целосни личности и одговорни граѓани на Република Бугарија.

