Во Истанбул, Вселенскиот патријарх Вартоломеј најави дека новоизбраниот патријарх на Бугарската православна црква, Неговото Блаженство г. Даниил, ќе ја посети Вселенската патријаршија за време на Божиќните празници. Посетата е планирана за 25 и 26 декември, а ќе биде одбележана со свечено пречекување и заедничко патријаршиско сослужување во храмот „Св. Георги“ во квартот Фенер.
„Тој доаѓа кај нас како весник на мирот, носејќи порака на искрена љубов и преданост од ќерката Бугарска црква кон својата мајка – Великата Христова црква“, изјави патријархот Вартоломеј во своето обраќање.
Изјавата беше дадена на 1 ноември, при неговата посета на бугарскиот храм „Св. Јован Рилски“ во Истанбул, каде што Вселенскиот патријарх служеше света Литургија и го освети обновениот свети престол по завршувањето на големи ремонтни и уредувачки работи. Храмот, изграден пред околу еден век во квартот „Шишли“, е дел од историската Бугарска егзархија во Истанбул и останува под јурисдикција на Вселенската патријаршија, согласно протоколот за признавање на автокефалноста на Бугарската православна црква од 1945 година.
Во своето слово, Вартоломеј ја изрази радоста што повторно се наоѓа меѓу бугарското паство, нагласувајќи дека „љубовта, трпението и верата се темелите на животот на Црквата“. Тој остро ги осуди оние што, како што рече, „под изговор на духовност, но водени од геополитички интереси, го поткопуваат црковното единство“, нарекувајќи го тоа „тежок грев пред Бога“.
На настанот присуствуваа министерот за труд и социјална политика на Бугарија Борислав Гуџанов, генералните конзули на Бугарија во Истанбул и во Одрин – Васил Валчев и Радослава Кафеџиска, пратеници, поранешни министри, претставници на бугарската заедница и бројни верници.
Со најавата за Божиќната посета, се очекува односите меѓу Бугарската православна црква и Вселенската патријаршија дополнително да се зацврстат, во духот на она што патријархот Вартоломеј го нарече „вековна духовна врска помеѓу мајката и ќерката Црква“.

