Вселенскиот патријарх Вартоломеј, во опширно интервју за француската телевизија *Les Chemins de la Foi*, во кое тврди дека доделувањето на Томосот за автокефалија на Православната црква на Украина во 2019 година било легитимно и дека нема повлекување на таа одлука. Потенцира дека барањата за автокефалија не се нови, туку датираат најмалку од 1919–1920 година, а можеби и порано, како и дека по независноста на Украина, епископите ја побарале автокефалијата од Москва, што патријархот го нарече „грешка“, бидејќи тоа требало да се побара од Константинопол.
-Украина, како суверена држава, има право да има своја независна помесна црква. И единствено Вселенската патријаршија има канонско право да доделува автокефалија — како што тоа го направи и во случајот со Украина, вели Вартоломеј. Во интервјуто потенцира тие го направиле она што е саморазбирливо — дека Украинците треба да имаат своја автокефална црква.
-Го искористивме канонското право што ни припаѓа само нам, да ја дадеме таа автокефалија, вели Вартоломеј.
Единство на православните христијани од Украина
Патријархот подвлече дека е потребно обединување на сите православни во Украина — и оние под митрополитот Онуфриј и оние под митрополитот Епифаниј — не само теоретски, туку и во секојдневниот живот.
Тој нагласи дека признавањето на автокефалијата од страна на сите останати православни цркви ќе дојде со време, бидејќи историски гледано, тоа никогаш не се случува веднаш. Вартоломеј со сигурност порача дека украинската автокефалија никогаш нема да се повлече.
Вартоломеј во интервјуто нагласи дека „Првенството на Константинопол“ носи одговорности и овластувања кои со векови се практикуваат во служба на сестринските православни цркви.
-Ниту јас, ниту моите наследници никогаш нема да се откажеме од правата кои ни беа доверени од Вселенските собори. Ние секогаш ќе ги чуваме како скапоцено богатство за да им служиме на нашите православни браќа ширум светот, во секоја православна црква, вели тој.
Привилегии без наметнување
Патријархот појасни дека овие привилегии се ексклузивни за Константинопол, но никогаш не биле користени за наметнување волја или мислење врз другите цркви, туку исклучиво за помош на оние што се соочуваат со пастирски предизвици.
Синодот на Крит и меѓуправославни консултации
Патријархот се осврна и на напорите за панортодоксна соработка, споменувајќи го Светиот и Голем собор на Крит (2016). Иако четири цркви на крајот не присуствувале, тој оцени дека соборот бил успешно одржан.
Прашањето за автокефалијата било предмет на подготвителни разговори уште во 1960-тите и 1970-тите години, но поради недостиг од консензус било тргнато од дневниот ред.


Кога ли и’ беше доделен томос за автокефалност на непостоечката Православна Црква во Украина? Кога Вартоломеј се нарече Вратоломеј. Уф, очиглено фатазмогарична епизода во црковната историја.