Свештени лица шират непроверени информации за „потпишан документ“ меѓу Фанар и Рим: експертите предупредуваат на дезинформации

Date:

Share post:

Во изминатите два дена на социјалните мрежи се прошири објава објавена на Фејсбук од свештено лице во пензија, Никола Николески, познат на македонската црковна јавност по своите конспиративни ставови, во која тој тврди дека во Фанар (Истанбул) била „потпишана одлука за единство меѓу Црквите“ од страна на Вселенскиот патријарх Вартоломеј и папата Лав XIV. Објавата, за која реакции стигнаа и до нашата редакција, содржи силен јазик, повици за духовна готовност и директни обвинувања за „апостасија“ и „богохулство“.

Меѓутоа, ниту една од светските религиски и световни новински агенции — Vatican News, Orthodox Times, Associated Press, Reuters, Romfea, Kathimerini, па и нашиот портал, — не објавија информација за постоење на каков било документ, договор или акт за „унија“ меѓу Фанар и Рим. Сите обие релевантни медиуми објавија вест за потпишување на Декларација, чија што содржина веќе беше објавена и на Релчигија.мк (https://religija.mk/zaednichkata-deklaratsija-na-papata-i-vselenskiot-patrijarh-vo-prevod-na-makedonski-jazik/) од која јасно е читливо дека двајцата поглавари се залагаат за мир, за решавање на заемните пречки преку теолошки дијалог, во духот на тоа што „нè обединува, а кое е верата изразена во Никејскиот символ на верата“ итн.

Според досегашните проверени извештаи, посетата на папата Лав XIV во Турција беше посветена на комеморација на 1700-годишнината од Првиот Вселенски Собор во Никеја, на заеднички молитви и на повици за мир и меѓусебно разбирање. Ниту еден извор не споменува административно, литургиско или догматско обединување.

Теолозите: „Таков документ не може да постои без синодска одлука“

Православните богослови истакнуваат дека секоја форма на обединување меѓу православни и римокатолици би барала одлуки на Синодите на сите Помесни Православни Цркви, јавно разгледување на текстови, официјални соопштенија согласност на верниот народ. „Потпишување унија зад затворени врати е во пракса и канонски невозможно, практично однапред е осудена на отфрлање и неприменливост“, велат експерти по канонско право. Од друга страна, ниту еден собор на епископи, на ниту една Помесна Црква, ниту кој било епископ не го осуди чинот на потпишување на Декларацијата или посочи дека се потпишала некаква нова „Унија со Ватикан“.

Проблемот со дезинформациите во религиски контекст

Објавите како оваа често кружат околу значајни меѓухристијански настани, и најчесто предизвикуваат страв, создаваат недоверба, поларизираат верници и шират паника без фактичка основа. Оваа појава не е нова. Експертите забележуваат дека секогаш кога Папата и Вселенскиот патријарх се среќаваат, по интернет се појавуваат реакции кои тврдат за „измама“, „унија“, „предавство“, „ерес“, „апостасија“, иако такви настани реално не се случуваат.

Историски пример: кога навистина беше потпишан православно-католички документ

За разлика од ваквите непроверени тврдења, постои јасен и документиран случај кога и во друг случај православен патријарх и римски папа потпишале заедничка декларација, но тогаш реакциите од ваков и сличен обем изостанаа, што укажува на потеклото на „осудите“ кога Фанар или некој друг прави некоја иницијатива со католиците.

На 12 февруари 2016 година, во Хавана, Куба, Патријархот Кирил Московски и папата Франциск потпишаа декларација од 30 точки. Документот се однесуваше на: прогонуваните христијани, семејните вредности, глобалните конфликти, повик за заемно почитување итн. Тоа беше прва историска средба меѓу Рим и Москва, и единствениот современ пример на официјално потпишан текст. Оваа декларацијата не значеше унија, туку заеднички ставови по општествени прашања. Беше забележан само еден парадоксот во оваа ситуација, а тоа е потребата на Москва да потпишува вакви општи документи со Ватикан. Веројатно, свештениците со вакви и слични ставови на крајот ќе останат да не сослужуваат со никого, ни со своите, ни со помесните браќа, како чувари на чистото православие, нели.

Медиумска одговорност и улогата на свештенството

Свештените лица имаат огромно влијание кога објавуваат ставови на социјалните мрежи. Затоа, црковните комуниколози потсетуваат дека религиските информации мора да бидат проверени од официјални извори, внимателно контекстуализирани, формулирани без непотребна драматизација и, секако, да не бидат изместување од официјалниот став на МПЦ. А Македонската Црква во многу наврати го потврдила и својот придонес во екуменскиот дијалог со Ватикан и посветеноста на процесот на воспоставување единство со сите христијани преку дијалог и наоѓање репенија за темите на разделување .

Објавата на отец Никола Николески на Фејсбук, со тврдења за „богоотстапници“ и „слуги на ѓаволот“, ја заменува реалната слика со драматичен и непроверен наратив, внесува збинетост, шири дезинформации и отстапува од ставовите на САС на МПЦ.

Заклучок: Фактите пред емоциите

И покрај онлајн-бурите и големите зборови, фактите остануваат недвосмислени: нема потпишана унија и нема одлука за обединување.

Настаните во Фанар се дел од дипломатски и духовни протоколи, не од догматски промени. Непроверените објави, особено кога доаѓаат од свештенички профили, лесно предизвикуваат паника и поделби.

Медиумската писменост станува неопходен штит — и за верниците, и за духовните пастири. За овие појави, воочени и во минатото преку изолираните настапи на некои свештеници кои гледаат опасност по верата во многу нешта, треба конечно да реагираат владиците на МПЦ. Ако се разбудат од зимскиот сон во кој од поодамна комотно се сместени, не сакајќи или немајќи интерес да забележат дека македонскиот духовен простор станува преподелен и конфузен, а полека, но сигурно некакви „старокалендарски“ и зилотски групи стануваат сѐ погласни. Ако се земе предвид фактот дека еден Македонец неодамна е хиротонисан за епископ од страна на старокалендарски „гох“ епископи, да не се чудат тогаш македонските владици ако еден ден ги осамне нов раскол и некаква Вистинска Македонската Православна Црква.

А.Т.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img