Скиентолошката црква, на која и припаѓа и познатиот американски актер Том Kруз, од неодамна е регистрирана и во Македонија, со што влезе во официјалниот регистер на македонски цркви, верски заедници и религиозни групи, пишува дневниот весник „Дневник“.
Освен скиентолозите, дозвола за регуларно дејствување во Македонија и е издадена и на религиозната група „Дом“ и со што бројот на регистрираните верски заедници и групи во земјава сега изнесува вкупно 34.
 Ова е резултат на одлуките што изминативе десетина дена ги донел Основниот суд Скопје 2, кој е надлежен за регистрацијата на верски организации.
Ова е резултат на одлуките што изминативе десетина дена ги донел Основниот суд Скопје 2, кој е надлежен за регистрацијата на верски организации.
Скиентолошката црква во Македонија е регистрирана по неколкугодишното барање на надлежните од верската организација. Нивните барања досега биле одбивани од различни причини, а сега Судот сметал дека се исполнети сите услови за нивно легално дејствување како легална црква.
Скиентолозите во Македонија првпат се појавиле во 1993 година кога скопјанецот Мони Дамевски првпат почнал да зборува за неа во една радиоемисија. Интересот потоа почнал да се зголемувал и за таа цел во 1996 година бил регистриран Хабардовиот центар за дијанетика и скиентолгогија во Скопје, како граѓанско здружение бидејќи во тој период не била можна регистрација според важечките закони.
Директорката на Kомисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска, вчера за „Дневник“ потврдила дека е извршена регистрација на оваа црква.
– Од Судот сме информирани дека се исполнети условите за регистрација и ние сме должни да го прифатиме тоа – рече таа.
Основач на дијанетика и скиентологија е Лафает Роналд Хабард од Небраска, САД, писател на книги со научна фантастика, кој се интересирал за филозофијата и за човековиот ум. Откако по Втората светска војна со другите воени инвалиди бил испратен на рехабилитација во Азија, која била неуспешна, тој почнал да ја испитува сопствената теорија за ум. Според таа теорија, трауматските искуства што луѓето ги доживеале во војната можат да влијаат врз нивната рехабилитација. Така ја создал техниката што прво ја применил врз себе и успеал потполно да се рехабилитира. Подоцна, тој ја претворил дијанетиката во терапевтска наука, која може успешно да ги излекува сите типови неврози, психосоматски болести и психози. Умрел во 1986 година, а зад себе оставил систем на верување, кој функционира и денес.
Скиентологијата е дефинирана како учење и справување со духот во однос со самиот себе, со универзумот и другиот живот. Првата скиентолошка црква е основана во 1950 година во Лос Анџелес. Нејзини главни симболи се осмокракиот крст, кој ги претставува осумте динамици на животот, а симбол се и двата триаголника на разбирање и знаење поврзани со букавата С.
Скиентолошката црква во САД со години привлекува многу познати музичари, писатели, актери, со повик дека може да им помогне да бидат поуспешни во животот. Меѓу познатите скиентолози се актерите Џон Траволта, Том Kруз, Џулиет Луис, музичарот Чик Kорија и оперската певица Џулија Мигенес. Познато е дека дејствувањето на скиентолозите во некои земји е поврзано и со дебатите во општеството за тоа дали тие навистина можe да се сметаат за црква и верска заедница.
За новата религиозна група „Дом“ не се познати повеќе сознанија освен дека тие влегуваат во рамките на корпусот на христијанското учење.
/ДНЕВНИК

