Папата Франциск ќе ја прогласи Мајка Тереза за светица на 4 септември, ден пред одбележувањето на 19 годишнината од нејзината смрт, 5 септември 1997 година.
Канонизацијата ќе биде во Рим, на плоштадот Свети Петар. На свечената миса на нејзиното прогласување за светица на Католичката црква се очекува присуство на голем број верници и високи гости од целиот свет. Како земји на нејзиното потекло, раѓање и мисија, Република Македонија, заедно со Република Албанија и Република Индија ќе имаат посебно место на оваа свеченост.
Мисионерката Мајка Тереза која го задолжи светот со своите хумани дела на грижа и помош за болните, особено лепрозните, изнемоштените, сиромашните и гладните, сирачињата и оние кои умираат, беше добитник на Нобеловата награда за мир, на бројни признанија, почесни државјанства и докторати, а нејзината чудотворна моќ за излекување беше признаена од Римокатоличката црква.
По каноните на Римокатоличката црква, светец, односно светица се станува откако ќе се утврди дека личноста автентично направила најмалку две чуда. Церемонијата на нејзината беатификација за блажена што беше чекор кон прогласување за светица се одржа во 2003 година, шест години по нејзиното упокојување, откако Папата Јован Павле Втори го призна првото нејзини чудо, излекување на Индијката Моника Бесра во 1998 година со наод тумор во стомакот. Папата Франциск го призна второто чудо на Мајка Тереза поврзано со нејзината моќ за исцелување, необјасниво лекување на маж од Бразил од неколку мозочни тумори во 2008 година, додека тој бил во кома.
Според Католичката црква нејзината светост е во тоа што во дело ги спроведувала зборовите божји, што се посвети на најмалите, болните и напуштените деца, на отфрлените, презрените, болните, алкохоличарите, проститутките, бездомниците, бегалците од воените судири, без оглед на вера или општествен сталеж. Со еден збор, најзагрозените групи во општеството, од кои одамна дигнале раце и нивните семејства, и заедниците и државите. Токму Мајка Тереза со својата грижа и милосрдие на таквите луѓе им го враќала достоинството и човештвото, бидејќи им ги лечела и душевните и телесни рани.
/МИА

