Почетна Анализа Мајка Тереза љубовта за различните ја научи од Скопје
Мајка Тереза љубовта за различните ја научи од Скопје

Мајка Тереза љубовта за различните ја научи од Скопје

748
2

Мајка Тереза, еден од најзначајните ликови на XX век додека беше жива ја почитуваа многу луѓе ширум светот, од обични луѓе до лидери на водечките светски сили, државници, славни личности, хуманитарци, а најмногу оние кои веруваа дека може да се помогне да се победи бедата, гладта, сиромаштијата и болеста.

majka tereza 10Особено се цени нејзината идеја за основање на католичката заедница „Мисионерки на љубовта“ во Калкута со над 5 илјади сестри вклучени во околу 600 мисии за помош, со школи, народни кујни, прифатилишта и болници за сиромашни, гладни и оставени во 133 држави во светот.

ЦВЕТ СО РОЗОВА БОЈА

Родена е како Гонџа Агнеза, во Скопје, 1910 година, во време кога градот бил под Отоманското царство, во албанско-римокатоличко семејство како трето дете на семејството Бојаџиу, покрај сестрата Ага (1904) и братот Лазар (1907). Се смета дека татко и Никола бил припадник на влашката заедница. Ден по раѓањето, на 27 август, е крстена во Католичката црква “Пресвето Срце Исусово“ во Скопје и тој ден се смета за нејзин роден ден. Името Гонџа значи пупка или цвет со розова боја.

majka tereza 9Според едни записи, татко и Никола бил трговец, а по други аптекарски помошник. Бил почитуван, сакан и современ човек кој во тоа време ги школувал сите свои деца. Мајка и Дранафила, била домаќинка, исклучително побожна жена. Помагала со задоволство секому, а вратата од куќата на семејството Бојаџиу постојано била ширум отворена. Според спомените што ги раскажувал братот на Гонџе, Лазар, фамилијата Бојаџиу потекнувала од Призрен, а мајката и таткото им биле родени во Скопје. Карактеристично за нејзината фамилија било тоа што имало многу мешани бракови.

Гонџа растела опкружена со љубов и гледала како чувствата несебично се споделуваат со другите, заедно со материјалните добра затоа што нејзините родители биле луѓе со широко срце, кои на сиромашните им делеле храна, облека, пари…

Во тоа време Скопје бил развиен трговски центар, мултикултурна и мултирелигска средина. Научила да комуницира со сите, и со оние кои се различни и по јазикот, и по културата, и по верата, и по погледите кон светот. Токму низ тие спротиставности и разлики таа учела дека само љубовта ги намалува разликите и љубовта е таа која дава шанса и можности и во тие различности сите да се чувствуваат добро.

majka tereza 5Забележано е дека младата Гонџа била жива, темпераментна и енергична девојка, ведра, насмеана и дружељубива. Пожртвувана, скромна, а сепак толку одлучна и силна, што било контраст на нејзината кревка физичка природа. И  исклучително хумана. Била многу ангажирана околу црковната заедница “Срце Исусово“, пеела во хорот како сопран, играла во црковниот и градскиот театар, рецитирала, пишувала поезија, свирела на мандолина и се почесто сонувала да стане – часна сестра.

Во овој сплет на околности, посветеност кон Исус и вродено милосрдие, останување без татко на само осум години, било логично и очекувано, иако првично болно за мајка и, но и за роднините и пријателите, на 18 години завршената гимназијалка да замине од дома. Прво во Ирска, од каде стасува во Калкута, Индија, да служи на најсиромашниот меѓу сиромашните и да се дарува љубов на оние на кои им е љубовта потребна. Изборот за Ирска и специфичниот религиозен ред од сестрите на Лорето кој организирал мисионерски училишта во Индија бил по совет дека е тоа патот по кој таа може да ја исполни својата амбиција и фактот дека ирската секција била една од најдобрите женски верски заедници.

Само година дена подоцна се наоѓа во Индија каде во манастирот Лорето, четиристотини милји северно од Калкута и формално на 23 мај 1929 година го започнува својот живот во нунцијатот.

КАКО ГОНЏА СТАНУВА ТЕРЕЗА?

Од богатиот животен пат на Гонџа Агнеза Бојаџиу мошне интересен е делот за изборот на сестринското име. Според одредени документи доброчинителката Гонџа на 24 мај 1931 гoдина ја донела својата втора судбинска одлука и го сменила своето име во монашкото – сестра Тереза, а подоцна Мајка Тереза.

Се смета дека Мајка Тереза името го одбрала во чест на света Тереза од Авила, шпанска калуѓерка од 16 век. Тереза од Авила припаѓала на редот на таканаречените босоноги кармелити. Кармелити се римокатолички религиозни редови кои водат потекло од испосниците од ридот Кармел во Палестина. Тереза од Авила или Тереза од Исус (1515-1582) шпанска писателка, калуѓерка, родум од Авила, извршила реформа на кармелитскиот ред.

majka tereza 6Нејзините аскетско-мистични дела се сметаат за вредни споменици на шпанскиот јазик. Канонизирана е, односно прогласена е за светица во 1622 година, а во 1970 Католичката црква ја прогласила за учител на Црквата. Но, овој избор ја побива книгата за Мајка Тереза на британската авторка Ана Сиба издадена во САД како и книгата од индискиот автор Навин Чавла, каде пишува дека Гонџа не го зела името Тереза по шпанската Тереза од Авила, туку по француска калуѓерка која се викала Тереза Мартин, а на која во 1927 година Ватикан и ја доделил титулата – света Тереза од Лисео.

И таа била од редот на Карамелитите, умрела многу млада во 1897 година, а водела едноставен живот посветен на молитви и мисионерство.

Како и да било, Гонџа Агнеза Бојаџиу односно Мајка Тереза, со изборот на името како да си ја предодредила сопствената судбина на вечна слава.

Почина на 5 септември 1997 година во Калкута, Индија, градот каде што го мина најголемиот дел од својот живот. Замина десетина дена по нејзиниот 87 роденден, по фатален инфаркт. Еден од неколкуте срцеви удари од кои се опоравувала и продолжувала со мисијата. Со нежно здравје, таа често била болна, дури и од маларија. Последните нејзини зборови биле:„Молете се мојата работа да продолжи. Јас не сум важна“.

majka tereza 11Пред смртта, на трети септември, Мајка Тереза ја пишува и последната порака за Скопје. Тоа е писменце испратено до роднините, до Пина Марковска и нејзината ќерка Вероника на кои им се заблагодарува на нивната роденденска честитка.

Иако нејзиниот живот бил повеќе од скромен, нејзиниот погреб одржан на 13 септември во Калкута, бил величенствен. Нејзиното тело со денови било изложено во стаклен ковчег во црквата Свети Томо. Мајка Тереза за милиони католици, како и за други, претставуваше светица за време на својот живот. Затоа и не треба да чуди што „светицата на бедните“, како што беше нарекувана од оние за кои таа деноноќно се грижеше, беше носена низ улиците на Калкута на истиот воен топ на кој за време на погребните церемонии беа носени и мртвите тела на Махатма Ганди и Џавахарлал Нехру.

majka tereza 7Во поворка од десетици илјади лица кои сакаа да ја видат за последен пат. Светот се прости од неа на свечената погребна церемонија во затворениот стадион „Нетанаџи“ во Калкута. На погребната церемонија која имаше државнички карактер, присуствуваа истакнати личности од светот, меѓу кои четири претседатели и три кралици.

Гробот на денес светицата Мајка Тереза се наоѓа во Куќата на Мајката каде што е сместено главното седиште на „Мисионерките на љубовта“. Тоа е поголема бела бетонска конструкција покриена со бела мермерна плоча со епитаф:„Сакајте се еден со друг, како што јас ве сакав вас“.

Пишува: Кети Мицковска (МИА)

Коментар(2)

  1. Незнам дали некој знае дека мајка Тереза била пријателка(имала средби и има фотографии ) со Шри Чин Мој.
    Добрите познавачи на христијанската вера знаат на што асоцира ова име и дека од неговите следбеници тој се смета за Аватар( за неупатените едноставно кажано неговото име е поврзано со групации кои се занимаваат со медитација која од нашите духовни пастири строго, најстрого се забранува).
    Исто така незнам колку народот е запознаен дека птиците кои се прикажани на спомен куќата на мајка Тереза, се фактички симбол на Шри Чин Мој. Имено тој има богато творештво од слики кои тој личноги правел на кои слика исклучиво птици со кои ги претставувал човечките души. Сината боја е негова заштитна боја. И птиците се токму позајмени од неговиот стил а и бојата е иста. Случајно или не?
    На почетокот кога се отвораше спомен куќата следбениците на овој така наречен аватар, организирано одеа често во спомен куќата како помошници.
    Па стручните лица од оваа област нека дадат коментар на овие информации.

    1. Angelina, Majka Teresa ziveela vo Indija pogolem del od svojot zivot. Zemja kade sto ima mnogu religii i duhovni ucenja. Veruvam deka imala sredbi i so mnogu drugi duhovni uciteli od Indija koi sto isto taka se na istiot pat-duhoven. Gospod e eden bez razlika dali si pripanik na nekoja religija ili duhovno ucenje. Meditacijata e molitva. Kako bi mozelo toa da bide strogo zabraneto??? Sekoj si ima pravo na molitva i svoja duhovna opredelenost. Sri Chinmoy e duhoven ucitel koj pogolemiot del od svojot zivot go pominal vo molitva. Pticite ja oznacuvaat dusata -slobodata na dusata. (sto ocigledno vo tvojot slucaj ne postoi pa zatoa nekako ti smetaat pticive:) Toa sto sledbenicite ili nekoi drugi luge pomagale vo spomen kukata ne gledam nisto strasno vo toa da se pomaga ili mozebi davanjeto pomos za tebe isto taka e strogo se zabranuva??? Navistina me zacuduva kako toa lugeto si pravat razliki megu sebe spored religija toa e tolku zalno. Nepocituvaat drugi religii osven svojata. A site tie veruvaat vo Bozestvenoto!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *