Поранешниот папа Бенедикт XVI страда од болест на нервниот систем поради што често мора да се движи со инвалидска количка, изјавил за германските медиуми брат му Георг Рацингер, кој ги пренел стравувањата дека парализата може да се прошири и кон срцето на претходниот папа.
Бенедикт по потекло е Германец, кој во 2013 година стана првиот папа што се пензионирал во последните шест века. Претходно месецов тој рече дека е во последната фаза од својот живот, односно дека е на пат кон својот вечен дом. Бенедикт има 90 години.
Георг Рацингер (94) изјавил дека брат му е во добро ментално здравје, но дека бргу се заморува.
„Најмногу од сè се плашам дека парализата во еден момент ќе се прошири кон неговото срце, а тоа ќе значи и дефинитивен крај“, изјавил братот на папата додавајќи дека секој ден се моли за добра смрт за себе и за својот брат.
Тој исто така рече дека секој ден тој и Бенедикт се слушале по телефон. „Тоа е одличен подарок бидејќи на тој начин никој не е сам“, рекол Георг Рацингер.
Откако се повлече од позицијата папа, Бенедикт живее во поранешен манастир во Ватиканската градина и ретко се појавува во јавноста.

