По неодамнешното осветување на црквата „Св. Константин и Елена“, МАРХ разговараше со проектантите на овој храм, архитектите Владимир и Искра Лековски – Студио Лелелеле. Во ова интервју ќе причитате детали како е создавана оваа црква. Како е проектирана. Кои се клучните елементи. Каков е предизвикот да се работи на црква. Ексклузивни деталиу во нивниот процес на проектирање, приказната за иницијативата за подигнување на оваа црква, како и предизвиците во изведбата на овој капитален објект.
МАРХ: Каде го барате контекстот кога проектирате црква?
Искра: Храмот е пауза. Во свет преполн со врева и визуелен вишок, тој е простор на воздивнување. Пауза не како прекин, туку како преобликување на времето во вечност. Нема директен експлицитен контекст од околината – тој е нешто сосема различно. Архитектот проектира молитва во материја, претвора духовна димензија во форма. Но храмот не е изолиран – тој е вгнезден, тој е топос на заедницата. Неговиот размер и силуета припаѓаат на просторот во кој се наоѓа.
МАРХ: Како стигнавте на 27 години да добиете објект во центарот на градот?
Искра : Идејата за возобновување на црквата „Св. Константин и Елена“, уништена во земјотресот, ја воскресна Епископот Антаниски Партениј од Бигорскиот манастир. Врз основа на оваа идеја, Министерството за култура на Македонија во 2008 година распиша меѓународен конкурс, на кој учествувавме и победивме со нашиот идеен проект. Набргу потоа склучивме договор за основен проект, кој го работевме следните две години.
Еден месец траеше потрагата по тим „по своја лика и прилика“. Еден по еден ги наоѓавме како бисерчиња – сите специфични, автентични, амбициозни. Бевме тим од соништата: Јордан, Даниела, Владимир и Александра – шест млади, страствени и лудо креативни архитекти, незаменливи! Секој од нив остави дел од својата душа во овој објект. За секој детал имавме презентации, дебати, размислувања. Работевме и саботи, и недели, и дење, и ноќе.
Првиот дел започна многу креативно – со томови книги од Универзитетската библиотека, кои нашиот тим имаше задача да проучи фрагментите што нас ни беа од значење. Следуваше плодна, хармонична работа во текот на две години. Тимот го надополнија уште многу проектанти, инженери, соработници и консултанти, кои на конструктивен и личен начин се вклучија во проектот.
МАРХ: Каков предизвик беше тоа за вас?
Владимир: Предизвикот беше огромен, одговорноста неподнослива. Имавме страст како експлозија која не се опишува. Преиспитувавме до бескрај, анализиравме до бескрај, истражувавме и синтетизиравме сè што претходно знаевме. Тоа беше процес што е неповторлив. Смелоста и вербата доаѓаа од чувството дека проектираме храм за Бога. Ништо друго не нè допираше, ништо друго не ни беше важно – знаевме што нè води.
МАРХ: Како дојдовте до идејата за овој храм?
Искра: Она што сакавме да го постигнеме во овој храм е констелација од смиреност, рамнотежа, длабочина, јасност, едноставност, рамномерност и тишина – без прекумерност. Тој е исцртан на свој, автохтон сакрален начин.
Темпераментот на оваа црква подразбира нови плетки, перфорирани тонирања на површините („пробивање“ и дематеријализација на масивноста на материјалот), теми и шари кои суптилно и архетипски имаат свој асоцијативен прототип во византиските цркви на овие простори. Се повикуваме на веќе постоечките (познати) традиционални кодови, со што пропорциите на храмот јасно ја откриваат изворноста на објектот, како македонска православна црква, македонска меморија.
Фрагментарните вредности се надополнуваат на општиот впечаток, независни едни од други, но сепак изразени во ист темперамент. Се создава целосност преку повторување на една појавност во правилен ритам и јасни насоки.
Овој храм, освен волуменскиот, пропорцискиот, силуетниот и материјалниот израз, ја изразува својата појавност и низ пикторесноста, тактилноста, растерот, структурата, текстурата и фонот. Низ текстурата – дише!
Објектот е изграден како фрактална целина, составена од себеслични елементи – триаголници и коцки – кои меѓусебно се мултиплицираат, се надоврзуваат и растат, создавајќи ја неговата пропорција, естетика, силуета и израз.
Целото Инетервју со ексклузивни фотографии ОВДЕ.