Омилија на неговата светост, папа Лав XIV

Date:

Share post:

ЕВХАРИСТИСКА ПРОСЛАВА, ЗА ПОЧЕТОКОТ НА ПЕТРОВАТА СЛУЖБА НА РИМСКИОТ ЕПИСКОП, ЛАВ XIV.

Плоштад „Свети Петар“, Недела, 18 мај 2025 година

Драги браќа кардинали, Браќа бискупи и свештенство, Почитувани претставници на власта и членови на дипломатскиот кор!

Поздрав до поклониците кои дојдоа за Јубилејот на братството!

Ве поздравувам сите со срце исполнето со благодарност на почетокот на службата што ми е доверена. Свети Августин напишал: Господи, ти „нѐ создаде за себе, и нашето срце е немирно сè додека не се смири во тебе“ (Исповеди, Книга 1, Поглавје 1, 1).

Во последните денови доживеавме особено интензивен период. Смртта на папата Франциск ги исполни нашите срца со тага и во тие тешки моменти се чувствувавме како она мноштво за кое Евангелието вели дека биле „како овци без пастир“ (Мт 9, 36). Но, токму на Велигден го примивме неговиот последен благослов и, во светлината на воскресението, го живеевме тој момент убедени дека Господ никогаш не го напушта својот народ – го собира кога е расфрлен и „го чува како пастир своето стадо!“ (види Јр 31, 10).

Во овој дух на вера, Соборот на кардинали се собра на конклава; доаѓајќи од различни места и со различни животни приказни, ја ставивме во Божји раце желбата да избереме нов наследник на свети Петар, епископ Римски, пастир кој ќе знае како да го зачува богатото наследство на христијанската вера, а истовремено ќе биде способен и да гледа напред за да одговори на прашањата, грижите и предизвиците на денешницата. Преку вашата молитва го почувствувавме делувањето на Светиот Дух, Кој ги хармонизираше разните музички инструменти, правејќи жиците на нашите срца да вибрираат во единствена мелодија.

Бев избран без никакви заслуги, па со страв и трепет доаѓам при вас како брат кој сака да биде слуга на вашата вера и на вашата радост, да оди со вас по патот на љубовта Божја, кој сака сите да бидеме обединети во едно семејство.

Љубовта и единството – тоа се двете димензии на мисијата што Исус му ја доверил на Петар.

Ова ни го кажува евангелскиот пасус, кој нè води до бреговите на Тиверијадското Езеро – истото тоа каде што Исус ја започнал својата мисија што ја примил од Отецот: да ги „лови“ луѓето за да ги спаси од водите на злото и смртта. Минувајќи покрај брегот на тоа езеро, ги повика Петар и првите ученици да бидат како него – „ловци на луѓе“, а сега, по воскресението, тие се оние кои мора да ја продолжат таа мисија, фрлајќи ги своите мрежи одново и одново за да ја потопат надежта на Евангелието во водите на светот, да пловат по морето на животот за секој да може да се најде во Божјата прегратка.

Како може Петар да ја исполни оваа мисија? Евангелието говори дека тоа е можно единствено затоа што тој ја искусил Божјата бесконечна и безусловна љубов во својот живот, дури и во часот на својот пад и неуспех. Затоа Исус, обраќајќи му се на Петар, го користи глаголот агапао, што ја означува Божјата љубов кон нас, неговото жртвување на самиот себеси без воздршка или скриени мотиви. Во одговорот на Петар се среќава уште еден глагол, кој ја опишува пријателската љубов што ја негуваме еден кон друг.

Кога Исус го прашува Петар: „Симоне, сине Јонин, ме љубиш ли?“ (Јн 21, 16), Тој мисли, значи, на љубовта на Отецот. Како да сака да му каже: само ако ја познаеш и доживееш таа Божја љубов, која никогаш не престанува, ќе можеш да ги пасеш моите овци; само во љубовта на Отецот ќе можеш да ги сакаш своите браќа и сестри „повеќе“, односно да го жртвуваш својот живот за своите браќа.

Затоа, на Петар му била доверена задачата да „љуби повеќе“ и да го даде својот живот за стадото. Петровото служење е обележано токму со оваа жртвена љубов, бидејќи Црквата во Рим претседава во љубовта, а нејзиниот вистински авторитет е љубовта Христова. Никогаш не станува збор за освојување на другите преку сила, со религиозна пропаганда или преку употреба на моќ, туку секогаш и исклучиво станува збор за тоа да се љуби со таа љубов со која љубеше Исус.

Тој – вели самиот апостол Петар – „е каменот што вие градителите го отфрливте, кој стана аголен камен“ (Дела 4, 11). Ако Христос е таа карпа, Петар мора да го пасе стадото без никогаш да подлегне на искушението да биде осамен водач или водач кој се издига над другите и станува господар на оние што му се доверени (види 1 Пт 5,3). Напротив, од него се бара да служи на верата на своите браќа и сестри, одејќи рамо до рамо со нив. Зашто сите ние сме, имено, „живи камења“ (1 Пт 2, 5), повикани преку крштевањето да ја градиме Божјата зграда во братско и сестринско заедништво, во хармонијата на Духот, во соживот на различностите. Како што пишува свети Августин: „На Црквата ѝ припаѓаат од сите оние кои се во хармонија со своите браќа и сестри и кои го сакаат својот ближен“ (Говор 359, 9).

Браќа и сестри, би сакал ова да биде нашата прва голема желба: Црква која е обединета, знак на единство и заедништво, која станува квасец за помирување на светот.

Во нашево време сè уште гледаме премногу раздор и неслога, премногу рани нанесени од омраза, насилство, предрасуди, страв од оној што е различен, економска парадигма што ги експлоатира добрата на Земјата и ги маргинализира најсиромашните. Ние сакаме, во тоа тесто, да бидеме мал квасец на единство, заедништво и братство. Сакаме понизно и радосно да му кажеме на светот: гледајте кон Христа! Приближи се до него! Прифатете го неговиот збор што просветлува и утешува! Слушнете ја неговата понуда за љубовта за да можеме да станеме негово единствено семејство: во едниот Христос – едно сме. Ова е патот што треба да го одиме заедно, меѓу себе, но и со сестринските христијански Цркви, со следбениците на другите религии, со оние кои во себе го носат немирот од потрагата по Бога, со сите жени и мажи со добра волја, со цел да изградиме нов свет во кој ќе владее мир.

Тоа е мисионерскиот дух што треба да нè инспирира, без да се затвораме во своите тесни опкружувања, правејќи се дека сме подобри од светот. Повикани сме да ја понудиме Божјата љубов на сите, за да постигнеме единство кое не ги брише разликите, туку ја цени личната историја на секој поединец и општествената и религиозната култура на секој народ.

Браќа и сестри, ова е часот на љубовта! Божјата љубов што нè прави браќа и сестри е сржта на евангелието. Заедно со мојот претходник Лав XIII, можеме денес да се прашаме: „Не е ли очигледно дека секоја борба брзо би престанала доколку овој принцип преовлада во граѓанското општество?“ (Rerum novarum, 21).

Со светлината и силата на Светиот Дух, градиме Црква заснована на Божјата љубов и Црква која е знак на единството, мисионерска Црква која ја шири прегратката за светот, која го проповеда Божјото слово, која ѝ дозволува на историјата да „разбуди немир“ во неа и која станува квасец на слогата за човештвото.

Заедно, како еден народ, сите како браќа (fratelli tutti), да одиме кон Бога и да се сакаме еден со друг.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Што точно значи симболиката на „гредата во окото“?

Симболиката на „гредата во окото“ е највпечатливиот и најдобриот опис на демоноопседнатост што може да се најде во...

Папата прогласи седум нови светци

Ѕвоната одекнаа на плоштадот „Свети Петар“ во неделата кога папата Лав XIV канонизираше седум нови светци на Католичката...

Измеќарите се накотија после 82 години од Издеглавје

На денешен ден, 21 октомври 1943 година, во селото Издеглавје, Охридско, бил одржан Првиот свештенички собир на слободната...

И во Утрехт, Холандија Европската епархија купи објет за македонски храм

Македонските верници од Европската епархија во Холандија се стекнаа со сопствен објект кој во иднина ќе биде храм...