Фељтон-анализа: Црквите во Украина и во Македонија – како камен на сопнување во Православието (1)

Date:

Share post:

Супрематијата е невралгична точка во православието(Црквите во Украина и во Македонија ‒ како камен на сопнување во Православието). Ова е наслвот, на еден прилично обемен, научен труд на Кумановско-осоговскиот митрополит Григориј, пишуван во 2019 година, тогаш како Архимандрит и игумен на манастирот Свети Јоаким Осоговски. Статијата е на 59 страници и е пишувана непосредно по официјалното доделување на Томосот од Вселенската патријаршија за автокефалност на Православната црква во Украина. Конкретен повод е анализа на ставот на СПЦ во поглед на оваа автокефалност, која не се согласи со постапките на Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Но, авторот прави паралели на украинското со македонското црковно прашање, воедно поистоветувајќи ги ставовите на руската и на српската црква. Едната за Украина, другата за Македонија.

Зошто ова четиво е исклучиотелно вредно да се чита и да се анализира? Религија.мк, жали што овој текст не може да го објави интегрално, бидејќи станува збор за авторски научен труд, а таков труд е невозможно да се објави без согласност на авторот поради авторските права. Но, затоа религија.мк прави фељтон-анализа, користејќи цитати од текстот во рамки на она што не би значело нарушување на авторските права за реобјавување.

Ако внимателно се чита текстот на оваа статија, тогаш тој во 90 проценти кореспондира со она што религија.мк го пишува изминативе две години. Различен е само крајниот заклучок на авторот, кој генерално смета дека МПЦ нема потреба да бара автокефалност од никој, бидејќи сама по себе е автокефална црква, за разлика од реалноста која сепак покажува дека македонското црковно прашање е проблем за кој (беш)е потребно решение. Се останато, особено за односите на Руската и Српската црква, за историските постапки на стекнување автокефалност, за легитимното право на Укрина и на Македонија за свтои автокефални цркви, е како текст напишан на страниците на Религија.мк.

Ова четиво е важно и сега во околностите под кои МПЦ-ОА треба да го менува ригидниот став за украонската автокефалност, што пак беше донесен и со согласност на авторот на оваа статија, а став кој е 180 степени различен од ставот што истиот автор го напишал 4 години претходно. Комисијата што Синодот на МПЦ-ОА ја формираше за проучувањето на украинската автокефалност не треба да има многу работа, бидејќи многу нешта ќе и се разјаснат откако ќе го прочита трудот на владиката Григориј.

А таму пишува.

Уште на самиот почеток, во воведот Григориј констатира дека Анализирајќи го „Ставот од Српската Православна Црква (СПЦ) за црковната криза во Украинаʼ” (објавен на официјлниот сајт на 13.03.2019), јасно се гледа дека, во голема мера, не е присутна каноничноста, па затоа се прашуваме од каде им извира таа дерогативност? Најдиректен одговор е дека ја прифатиле улогата на пропагатори на новоформирана теорија за поимањето на автокефалноста, до степен на парализирање на благоразумието.

Значи, владиката Григориј сосема точно ја лоцирал политиката на Руската и на Српската православна црква за тоа како тие создаваат „новоформирана теорија за автокефалност“, а тоа е теорија која се разликува од она што на црквата досега и е познато како Автокефалност. Таа новоформирана теорија на автокефалност е „територијален концепт“, а не „државен концепт“ на автокефална црква. Модел што го развива Руската, а како што вели владиката Григориј му одговара на Српската црква. Еве како тоа е објаснето во студијата:

„Пропагаторот на новоформирана теорија за автокефалност, истата ја поима само како концентрација на моќта, којашто се спроведува над границите од повеќе држави (со православен и неправославен народ). Руската Православна Црква (РПЦ) иницира, пропагира и применува империјален модел (којшто имплицира територија, а исклучува можност држава со мнозински православен народ вечно да остане без автокефална Црква) на управување на Православната Црква (на СПЦ ѝ одговара таквиот модел, и целосно го прифати). Тие не се свесни за потребите на другите, и никогаш нема да бидат (за потребата на народите [Дела 6, 5; 14, 23; 20, 17‒35; Тит 1, 5] да имаат своја Црква, и на државите [Ис 49, 23], во случајот за потребата на народите во Украина и во Македонија). Исто така, веднаш може да се каже дека СПЦ, во своите ставови, кога ги негира потребите на другите (во поново време на Украинците, а претходно и на Македонците), мора барем да бидат свесни, дали постојат сличности или пресликувања во причините Украинската држава да побара автокефална Црква (од слични причини како Српските или како Руските) за создавање (за зародиш), или кај некој друг народ што го бара тоа, во услови кога народите имаат суверена држава?, пишува во студијата.

Во продолжение авторот ги констатира фактичките состојби во православието, каде веќе подолго време постои ривалитетот меѓу Руската црква и Вселенската патријаршија. Забележувајќи дека тој конфликт може да ескалира, смета дека е потребно конструктивно решение кое нема да преизвика хаос во православието. Враќајќи се на анализа на ставот на СПЦ за „автокефалноста во Украина“, авторот во продолжение вели дека СПЦ користи „супститут на двојана дипломатија“, каде целосно ги отрфлаат ставовите на Цариград, во однос на тоа кој е овластен да дава автокефалија.

„Реторичката формула, изложена во ставот од СПЦ, содржи намерна нечесност; нивните тврдења (повеќе опортунистички претпоставки) содржат терминолошки неточности. Оттука, пак, произлегува нашето тврдење дека нивната аргументација е погрешна, или лажна поради сомнителните мотиви. Анализирајќи ги мотивите, забележливо е дека во нив е имплицирана историската тенденција за супериорен етнички идентитет (српскоруски империјалистички идеи за поимањето на јурисдикцијата во Православната Црква), или друга карактеристика (хегемонија, шовинизам, или сл. Во Црквата) поврзана со идентитетот на аргументаторот…“, пишува авторот во анализата.

Овој дел од студијата на владиката Григориј перфектно го опишува она што јас го дефинирам за статусот во кој, на пример, сега се наоѓа МПЦ-ОА – односно дека „де факто таа е Автокефална црква во границите на СПЦ, а де јуре е автонономна црква во канонското подрачје на СПЦ“. Токму тоа е суштината на моделот на руската замисла за „новоформираната терорија на автокефалност“. Слично нешто сега имаме и во Украина. Отакако почна војната, Украинската православна црква – Московска Патријаршија, со цел да покаже дека не е со руските воени власти, одлучи да самопрогласи автокефалност. И што реално се случи? Руската црква не ја екскомуницра, православите цркви кои не ја признаа автокефалната ПЦУ со Томосот на Фанар, се уште ја сметаат УПЦ-МП за канонска, но не ја сметаат за автокефална, туку како дел од канонското подрачје на РПЦ. Или подиректно кажано, моделот во Македонија, со Томосот од СПЦ, непосредно по завршувањето на војната во Украина ќе се преслика во Киев, со Томос за автокефалност од Руската црква, но на УПЦ-МП. Тоа практично ќе бидат двете цркви автокефални, во јуриздикциите на нивните „Мајки цркви“.

(ПРОДОЛЖУВА)

/Марјан Николовски

1 COMMENT

  1. Занимливо е што авторот на овој текст се нафаќа да ја игра улогата со којашто ниеден современ богослов не сака да си ги валка рацете; не е само занимливо туку и симптоматично. Но, во современиот свет паравани има многу и сме навикнале да дрибламе маскирани, демаскирани, и разни други на разни начини индоктринирани. Значи, бидејќи темата е еклисиолошка (а еклисиологијата е сепак богословска гранка), јасно е дека критериумот на секое односно истражување, анализирање, расудување, синтеза на фактите итн. мора да биде боговтемелен и мистично целисходен. Колку г-динот Николовски може да одговори на тој предизвик (а како што вели не е глупав, само е непоткован, што понекогаш и не е лесно да се признае од профаната позиција на новинар со кариера во македонскиот јавен простор) покажува честото грубо релативизирање на крупни елементи со неговото неуморно новинарско перо кај ставовите на мислители што не ги делат неговите ставови, желби и амбиции во поглед на автокефалниот статус на Македонската Православна Црква, а и околу целиот пакет на украинското црковно прашање. Хвалоспевната љубов и безрезервна доверба кон Цариградската Патријаршија, како и приврзаноста кон доминантните западни “стратешки партнери” на државата во која се родил и која му пружила можности да изгради име и кариера од значајни општествени размери и за која се очекува да негува извесни родољубиви чувства и благородна почит… се повеќе од очигледни. И какво е отсуството на секаков сензибилитет во фељтоните коишто истомисленички ги пренесува или тенденциозно ги потпишува во однос на својствата и духовните можности и во однос на самовласноста на личностите и на живите Цркви и на нивните активности поврзани со овие крупни процеси на верификување на егзистенцијалниот квалитет на духовниот живот на Македонската Православна Црква и на сега двете Помесни Православни Цркви коишто дејствуваат во Украина (процеси кои впрочем предизвикаа силни тектонски потреси низ целата планета), може лесно да се види токму во горниот текст.
    Очигледно е дека овојпат сака да долови контрадикторна недоследност кај ставовите на Кумановско-Осоговскиот Митрополит Григориј по горенаведените прашања, дури и да ја дискредитира благодатната тежина на неговиот пастирски збор, па и конкретната сила на неговата молитва (пред четири години мислел вака, денес обратно; рекол дека нема потреба од признавање на автокефален статус, ама “реалноста” покажала дека македонскиот црковен “проблем” треба да се реши итн.). Е сега прашање е ‘КОЈ’ во случајов е “реалноста”. Знаете, во неизбежната мистична димензија на Православието во крајна инстанца причина и фактор на кое било собитие никогаш не може да биде ‘нешто’, туку секогаш ‘некој’. Многупати “реалноста” во решавањето на конкретни “проблеми” покажала дека на пр. балканската пророчица и кралица Клеопатра (имено, така се нарекува себеси медиумски прославената современа јасновидка) со своите “моќи” и прецизни совети им овозможила на долгогодишно бездетни родители да добијат деца веднаш (и на многумина други паталци разни решенија и поволности). Во случајов “реалноста” не може да се смести, признаваме, во ниедна православно верификувана категорија. Децата се родиле, но…. за текот на настаните пред Православието мора да се молчи или да се принесе покајание, без оглед што родителите претходно попусто се обидувале со молитвите и благословот на православни епископи, свештеници, монаси да дојдат до посакуваните рожби. Не биле ли добри и силни молитвите на клирот и на самите родители за таа ситуација или просто Господ сметал дека времето за тие рожби не е дојдено (како некогаш на пр. за раѓањето на Авраамовиот Исак или на Дева Марија од Јоаким и Ана). Но, катализаторот (во случајов незанемарливата Клеопатра) си го сторил своето и денес децата се тука, со сите разновидни последици од нивното присуство во овој свет. Така, попластично насликано, изгледа честопати “реалноста” (не мора катализаторот нужно да е јасновидец, постојат разни комбинации од можности кои не толку чисто и недвосмислено Го имаат како заеднички именител Бог). Значи, , кажавме и веројатно уште многупати ќе биде повторено: интелектуалниот напор не може да го одведе човекот до Откровението со кое живее Православието. На Кумановско-Осоговскиот Митрополит Григориј му бил на срце мистичниот модел на автокефалноста, кој е единствениот реален и слободен од суетата на овој свет: богодаруваноста наоѓа потврда сама во себе, Божјото содејство во животот на Црквата е толку опипливо и плодно и проверливо и јасно, што оној кој го живее истрајното одење по тесниот христијански пат има потврда во себеси о
    за вистинитоста на тој пат и трпеливо ги чека ветените плодови, се насладува со даруваните итн. А моделот на томоси оптоварени и условувани со политички пакети, со ласки и скаски, и со многу други нешта, е лажното единство на кое од сите страни се настојува денес: единство кое безмилосно Го распнува Христос, претходно исшамаран од разни страни, дрско прашуван да погодува кој Го удрил итн. Тоа е единство на лишеност од слободата да се дејствува во мистичните димензии на лично вкусените Божји дарови и богозададени насоки на подвизување, настојување да се прифати подвластеноста на туѓиот светоглед, на доживувањето на Бог и на ближните со духовните очи на авторитети кои неретко немаат такво благодатно покритие како што имаат формат на историска надоврзаност, континуирано обезбедувана доминација без стеснување во поглед на средствата и методите. Но, “оној кој влегува во овчјото трло прескокнувајќи ја плотта крадец е и разбојник”, вели Христос, “ само оној кој влегува низ вратата е Пастирот на стадото”, а ‘вратата’ е повторно Тој, Богочовекот Христос, Синот Божји, исполнителот на Домостројот на спасението на родот човечки. Секое лишување на еклисиолошките прашања од мистичната втемеленост на решението, повеќе од очигледно е дека т. н. сеправославен, соборен модел на актуелизирање на автокефалноста на една Помесна Православна Црква во пракса се соочува со тој феномен (денес се протега до пренебрегнување на Црквата во торжество заради пренагласеното земно поаѓалиште во меѓуцрковните односи, поаѓалиште што ја преферира важноста на меѓународната политика и на светските власти и модели на владеење давајќи им неверојатна важност во процесите од витална важност за устројството на Црквата, за Нејзиниот странствувачки карактер и за Нејзиниот внатрешен имунитет како Тело Христово – со секое подавање за валкање со нечистотиите на светот заради земни придобивки жртвува и од богодаруваната превосходна еманација на Светотроичната чистота и совршеност со која е украсена). Ќе речете светот не е идеален, компромиси мора да се прават, па и самите современи поглавари на прославените древни Патријаршии се само луѓе на кои мора да им простиме за ситните слабости, мора да ги разбереме и нивните политички опкружувања итн., но како тогаш ќе ја сочувате својата богодарувана автокефалност? Какво ќе биде тогаш учеството во растежот на Православието кое опстојало истрајно на подвигот на тесниот пат во перспектива на есхатонот? Постои ли поскапоцен залог од овој? Секој малку поопитен христијанин знае дека Царството Небесно е надежта на сеправославното единство. На земјата такво единство немало ни меѓу првите Христови ученици, нема ни да има до крајот на светот. Не залудно Самиот Христос кажал ‘каде се двајца или тројца собрани во Мое Име, таму Сум и Јас’. Овие зборови обично се толкуваат на поефтиното ниво: да се биде собран со вера во Христос на литургија или на друга богослужба од литургискиот циклус. Но, конкретни значајни духовни плодови ‘собраноста’ во Име на Христос подразбира средба во личното богооткровение, истоветен подвиг, истоветно созерцателно рамниште, благодатно меѓусебно препознавање или способност за благотаинствена комуникација за меѓусебно надградување, перихореза!
    Но, да се вратиме на т. н. “недоследности” или “контрадикторности” во ставовите на Кумановско-Осоговскиот Митрополит Григориј. Имено, секој малку пописмен православен верник веднаш сфаќа дека тука недоследност и контрадикторност нема. Она што другите го сметале за недокажана, неприфатена, непризната, нецелосна ‘автокефалност’ за овој подвижник на Македонската Православна Црква не вило такво. На неговиот автентичен духовен пат јасно ја гледал полнотата на даровите на Светиот Дух во Црквата во Која се родил, растел, се вградил и денес веќе пастирствува. Не чувствувал никаков благодатен недостаток (што е и природно!). Даровите на блаженствата тоа и го подразбираат. Состојбата на непоматена благодарност за даровите Божји, за условите за подвизување итн. е онаа за која и Го молиме Бог на секоја Света Литургија. Ако тогаш препознавал извесен недостаток во ставовите и одлуките на ерархијата на Српската Православна Црква, но денес наишол на благотворна промена во тие ставови во пракса, зошто би наоѓале недоследности во неговата еклисиолошка поставеност! Во Православието го прифаќаме благодатното преумување на другиот и со радост го прегрнуваме. А што се однесува до Руската Православна Црква, што да кажеме? И во т. н. период на изолација наоѓаше разни начини да укажува љубов и чувствителност кон подвигот и растежот на нашата Света Црква. Оној кој сака да го огорчува македонскиот православен христијанин кон Неа е безумен, недобронамерен војник на туѓа војска, не на Христовата. Има уште многу што да се каже, номна ова место е повеќе од доволно.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Романскиот Патријарх: Вселенскиот Патријарх Вартоломеј I претставува силно сведоштво за единството на Православието

Во говор по повод осветувањето на надворешната фасада и мозаиците на Катедралата Народно Спасение во Букурешт, Даниел, Патријархот...

Орбан на средба со Папата

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на денешта приватна аудиенција во Ватикан побара од папата Лав Четиринаесетти да ги поддржи...

Скандинавските цркви во поддршка на Украина и правата на децата

Северноевропските црковни водачи упатија силен апел за враќање на украинските деца насилно однесени во Русија и одобрија финансиска...

Д-р Трајановски со план за Аеродром: чиста, безбедна и достоинствена општина

Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од СДСМ, ја претстави својата програма како план за „современа...