Во Бигорскиот манастир беше промовирана книгата „Семејството, моето мало царство“. Станува збор за збирка од детски песни и прозни текстови што го носат печатот на детската искреност и светлозрачна љубов и топлина, за кои рецензијата сведочи како за најпрепознатлив тон на целото издание.
Промоцијата ја отвори епископот Антаниски Партениј, кој нагласи дека семејството не е само социјална рамка, туку света заедница во која човекот учи да љуби, да простува и да се жртвува – „мал храм“ каде што се оформуваат најдлабоките морални и духовни ориентири.
Книгата ја промовираше проф. д-р Милена Ристова – Михајловска, која со стручен осврт истакна дека станува збор за 43 творби во кои доминираат зборови со светла конотација, во кои љубовта е водечка емоција, а семејството постојан мотив што се јавува и во насловите и во самите стихови.
-Посебна вредност на проектот е тоа што во книгата учествуваат деца од различни етникуми и религии, сведочејќи дека семејната љубов и добрината се јазик што ги надминува сите разлики. Значаен дел од творбите се создадени од учесниците на Летните школи по вероучение во Битуше (2025), кои рецензијата ги опишува како „духовна искра“ што ја разбудила детската инспирација да пишуваат и пеат за домот, родителството и заедништвото. Во изданието се вклучени и децата од Академијата ЕУРО АРТ – Штип, што ја проширува мрежата на млади таленти и ја прави книгата заедничко „мало царство“ на детската дарба, велат од Бигорски.
Промоцијата беше збогатена со присуството на професори по македонски јазик и литература од регионот, кои дојдоа со свои ученици, додека, пак, читањето на одбрани творби му даде на настанот живост и непосредност.
-Особено беше нагласен и придонесот на менторите и наставниците, кои несебично ги водат младите автори „од првата мисла до зрелата творба“, како и вклучувањето на иницијативата „Од идеја до полица“ во рамки на летните школи во Битуше – како работилница за тоа како писателската идеја се претвора во книга што останува на полицата и во споменот. Со оваа промоција Бигорската обител уште еднаш ја потврди својата културно-духовна мисија: да ја храни детската креативност, да ги обединува младите во добрите практики и преку нивниот чист збор да ја промовира наједноставната, а најголемата вистина – дека семејството е „најсветиот храм на љубовта“, велат од Бигорски.

