Семејството – извор и простор за градење и чување на достоинството на човекот и место за раст во верата

Date:

Share post:

Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзрах, Светска религиска конференција – Битола 2016

Нашата Црква, како свој придонес на овој значаен собир ја предложи темата: „Семејството – извор и простор за градење и чување на достоинството на човекот и место за раст во верата“.

biskupВо ова воведно излагање би сакал да укажам на некои поими како и на некои важни фактори што денес се актуелни и не би требало да бидат заобиколувани. Човекот по својата природа е создаден да биде дел од семејна заедница, кажано со  други зборови, човекот е суштество на однос, на релација, а со самото тоа тој ја носи дефиницијата која го одредува според неговата природа како: татко, мајка, деца. Таквата заедница е носител на животот. Секогаш кога во историја семејството запаѓа во криза, во криза е и општеството.

Повеќе од кога и да е нашето време е оптоварено со една од најтешките кризи, а тоа е кризата во семејството. Не само што семејната заедница станува нестабилна, туку во прашање е доведена и нејзината онтолошка смисла.

Ние во Македонија би можеле да бидеме среќни, но не и без страв од тој европски бран на ерозија на семејството, што се уште не нè зафатил, но и покрај тоа сведоци сме дека и кај нас сè повеќе се зголемува бројот на разведени бракови и на унесреќени семејства. Да не зборуваме дека зад секое разведено семејство најверојатно стои рането потомство и дека децата покрај живи родители, татко и мајка, се чувствуваат напуштени.

Да тргнеме по ред:

1.Семејството е рамноправна заедница помеѓу татко, мајка и деца. Татковството и мајчинството се природни како и потребите и задачите што произлегуваат од тоа, бидејќи Бог ги создаде како машко и женско со една задача: „Плодете се и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа“ (Битие(1 Мој.) 1,28). Семејството е заедница на љубов а човекот господар на земските добра. Меѓутоа, љубовта не е чувство (или не барем само чувство), љубовта е звање и определување. Стабилноста на бракот се базира врз слободен избор на брачните другари, кои потоа се поврзуваат во постојана неразделна врска. Како христијани, ние поврзаноста ја потврдуваме и сакраментално. Тоа значи, дека брачните другари своето заедништво и својата љубов ги ставаат во Божјите раце. На тој начин семејството станува и света заедница во која се препознава Божјата присутност. Љубовта како база, љубовта како определување е благослов за брачните другари, благослов тие да се почитуваат меѓу себе.

Св. апостол Павле би рекол Богопочитуваат, тоа значи дека меѓусебно ќе ја препознаат Божјата слика во себе и ќе се почитуваат Богообично. База на стабилен христијански брак е димензијата на светоста, на достоинството и на брачната љубов. Тоа не е идеализација туку база и тоа непроменлива, втемелена врз Светото Писмо, што за нас е постојан извор на поука и сила. Заради тоа чинот на венчавката е најмалку договор а најмногу Света тајна, односно Божја присутност во бракот. Затоа, семејството е свето заедништво на еден маж и една жена во кое љубовта не е трговија туку таа се прифаќа како Божји дар, живее како Божја присутност и постојано се потхранува со молитва и жртва. Св. апостол Павле предупредува: натпреварувајте се еден со друг во љубовта.

Повторно нагласувам тоа не е идеализација туку реалност која единствено има смисла кога говориме за здраво семејство. Кога така го дефинираме односот на мажот и жената тогаш сосема се непотребни темите за тоа кој има поважна улога, чија работа е поважна, чие достоинство е поголемо, бидејќи сопружниците и во звањето и во посланието и во достоинството подеднакво се повикани на светост. На тој начин низ целиот свој живот тие се насочени еден кон друг. Патем само да  спомнам за искуството кога брачните двојки ќе се најдат во поодминати години, колку тогаш еден на друг си се потребни како поддршка и потпора. Тоа говори дека секој период во бракот има поинаков квалитет и поинаква смисла.

2.Од таквиот брак се раѓа потомство. Бог на човекот му го дал звањето да биде соработник во создавањето, зашто зачнувањето не е само чин меѓу брачните другари туку и повик во живот на личност со бесмртна душа, а тоа е дело на Семоќниот Бог кој нема причина како што некој рече да создава шкарт – отпад. Секое дете преку родителите е дарувана личност и од првиот миг на зачнувањето до природната смрт е човек, еден единствен и неповторлив со единствена задача во историјата, а таа е да се оствари самиот себе. Затоа на светот нема две исти личности и личната историја на секој поединец не се повторува.

Сметам дека ќе разберете зошто Црквата има такви строги или цврсти ставови во борбата против абортусот и еутаназијата, затоа што човекот иако е соработник во создавањето сепак не е господар на животот. Единствено Бог кој создава живот повикува во живот и конечно повикува во вечен живот и затоа е господар на животот.

Одамна св. папа Павле VI во познатата енциклика HumanaeVitae посочува на одговорно татковство и на одговорно мајчинство. Но, за тоа ќе стане збор во излагањето што ќе следи. Сега да се вратиме на темата. Во едно такво замислено семејство децата растат во позитивна атмосфера, дека се посакувани, прифатени, сакани и почитувани. Најприродниот амбиент за воспитување на децата е семејството и исклучиво семејството. Општеството па дури ни Црквата не би смееле да интервенираат и во раното детство детето да го оттргнат од неговата природна средина – од семејството. Таткото и мајката, се незаменливи субјекти во формирањето на личноста. Тоа можат да го потврдат сите што имале среќа да бидат родени и воспитани во стабилни бракови. Како што имаме, за жал, многу примери на несреќни деца а и на луѓе кои растеле во разорени семејства. Вредностите кои го конституираат човекот се учат во семејството.

Почитување, уважување, соработка, работливост, тоа не се поими поврзани само со теории туку се практично всадени одлики стекнати во текот на растењето и на развојот токму во семејството во кое се учи да се сака, да се почитува, да се уважува, да се соработува и да се дејствува. Примерот на родителите и нивниот меѓусебен однос и односот кон возрасните се вградува во децата и точно може да се утврди семето кое е посеано со примерот и со зборовите што еден ден ќе може да се жнеат. Затоа, здраво потомство со чувство на вредност е плод на здравиот однос во семејството. Меѓутоа, не смееме да ги затвориме очите пред фактот што овој модел на семејството е изложен на сериозни напади.

Драго ми е што тука ќе стане збор и за медиумите. Сега само би ја спомнал разорната моќ на неконтролираната присутност на модерните средства за комуникации во семејството. Мнозинството родители ниту се свесни, ниту можат да контролираат што сè децата гледаат, што впиваат и што е тоа што ја формира нивната свест. На глобално ниво,тоа е проблем што предизвикува катастрофални последици. Друга опасност во современото семејство е презафатеноста на таткото и мајката од работата. Тие често пати само на кратко се среќаваат во текот на денот и ноќта, и така семејството практично не живее заедно туку ги поврзува само покривот на куќата во која престојуваат во помалиот дел од денот. За младите луѓе, училиште, вон наставни активности, друштва, забави и многу работи што не се вклучени во концептот на едно хармонично семејство. Така, може да се случи, по некое време децата и родителите да станат туѓинци едни на други и повеќе да немаат што да си кажат. Тоа не е само социолошки туку  и верски проблем. Сметам дека на ова поле се уште премалку сме направиле, а се плашам дека сме слаби за да можеме  да направиме нешто повеќе.

Ни недостасуваат верски училишта, домови, студентски центри, духовни водители во тие центри, со еден збор присутност на Црквата и верските заедници таму каде што младите се формираат. Така, се случува, особено во градовите, млади и од најдобри семејства носени од идеологијата на хедонизмот, материјализмот и сето она што модерното општество го нуди како лажна среќа, да се оддалечат од правиот пат.

Од тука одговорно тврдам дека за Црквите и верските заедници навистина е предизвик како да ја сочуваат автентичноста на семејството. Исто така, нивна задача е да ја сочуваат и унапредат свеста за достоинството на личноста пред сè кај младите за во нивниот развој тие да останат автентични и искрени, свртени кон вистинските вредности со кои би граделе подобар свет и подобро општество. Сметам, дека само заедно, и тоа на сите нивоа во општеството и во религиските заедници би можеле нешто да направиме. Сето тоа не го намалува моето тврдење дека семејството е единствен простор за градење и за зачувување на достоинството на личноста, на човекот како индивидуа и како член на црковната заедница и на општеството, како носител  на националниот идентитет и конечно на сè што е човечко.

Дозволете ми да укажам на уште еден чисто верски аспект, а тоа е прашањето за воспитување во верата. Католичката црква има долга традиција во верското поучување, веронауката. Ова поука датира уште од доцнежниот среден век, а во времето на рационализмот станува воспитен модел за верата. Што значи тоа? Во школскиот систем вградена е и верска настава како еден од главните предмети за да може младиот човек преку образованието да се вгради во општествениот живот. А како што е познато во Европа мнозинството од населението било христијанско.

Знаеме дека Црквата е основач на модерното школство од Сорбона, првиот Универзитет, до најновите предучилишни и училишни  институции, лицеи,колеџи и универзитети низ целиот свет. Импозантни се бројките на таквите институции во светот. За нас во Македонија е гордост дека најстариот универзитет уште пред Сорбона, бил во Охрид со своите четири школи или факултети: теологија, филозофија, право, медицина, се разбира во форма каква што била можна во тоа време. Во неоствареното патување на папата св. Иван Павле II кој имал желба да го посети Охрид и од тоа место да му каже на светот дека пред Сорбона бил Охрид. Ова само патем го споменувам. Да се вратиме на темата за верското воспитување. По искуствата од повеќе стотици години, Црквата токму врз основа на тие искуства денес јасно укажува дека ниту една школа или воспитна институција не може да го замени семејното воспитување за верата. Верата, како што вели нашиот народ, се влева со мајчиното млеко.

Ниту една катехеза, дури ни онаа најстручната не е еднаква на склопените раце на мајката при заедничката семејна молитва или на учеството на целото семејство во литургијата. Од семејства во кои верата не се практикувала или била само фолклорен елемент и празна традиција, тоа можам да го потврдам со факти,  многумина отпаднале од верата. Од друга страна сериозни преобразби кои во одмината возраст се ретки, сведочат дека верата е лично уверување, прифаќање и ориентир кон вредностите што Црквата или заедницата ги навестува. Но и овој процес не е без проблеми. Имено возрасниот повратник треба да се интегрира во постојната жива верска заедница.

За жал, без некого да навредам, ќе истакнам дека нашите традиционални верски заедници немаат заедништво што би го привлекло повратникот, односно оној кој се преобразил да го интегрира во својот автентичен верски живот. Тоа е нова задача и нов предизвик.

Со ова го завршувам моето излагање, свесен  дека само скицирав одредени аспекти, според мене мошне значајни, кои се однесуваат на оваа исклучиво актуелна тема. За тоа каков е пристапот на нашата Црква во однос на ова прашање ќе биде произнесено во кусиот кореферат што следи. И завршувам со зборовите: семејството е не само извор туку и простор за градење и чување на достоинството на човекот како највредно создание на земјата. Семејството е прво, незаменливо и автентично место за воспитување во верата дури и растот во верата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img