Пред секојдневните слики на варварството на војната, Црквата со висок глас ја прогласува светоста на човечката личност

Date:

Share post:

ЗА СВЕТА ПАСХА

† В А Р Т О Л О М Е Ј

ПО МИЛОСТ БОЖЈА АРХИЕПИСКОП

НА КОНСТАНТИНОПОЛ – НОВ РИМ

И ВСЕЛЕНСКИ ПАТРИЈАРХ

ДО СЕТА ПОЛНОТА НА ЦРКВАТА:

БЛАГОДАТ, МИР И МИЛОСТ

ОТКАЈ СЛАВНО ВОСКРЕСНАТИОТ ХРИСТОС

Сечесни браќа Јерарси и благословени чеда во Господа,

Пристигнувајќи, со пост, молитва и умиление, до светлоносниот и сепразничен ден на Светата Пасха, го воспеваме и го прославуваме светоспасителното Воскресение на Господ и Бог и Спасител наш Исус Христос, кое ја означува величествената победа на животот над смртта, го обновува целото создание и му го отвора на човекот патот на обожувањето според благодат. Црквата Христова го запазува пасхалното искуство во литургискиот живот, во подвизите на Светиите и на Мачениците за верата, во есхатолошкиот стремеж на монаштвото, во проповедањето на Евангелието „до крајот на земјата“, во богословието и славословната уметност, во доброто сведоштво на верните во светот, во културата на љубовта и солидарноста, и во непоколебливата извесност дека злото го нема последниот збор во историјата.

Воскресението Господово се живее како христодарувана слобода, која ги вдахнува, ги храни и ги засилува творечките сили на човекот, и добриот подвиг за „она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава,“ потсетувајќи нè сите дека патот кон Воскресението е нераскинливо поврзан со Крстот. Крстовоскресната радост го чуваше народот Божји од поистоветувања со духот на овој свет, а истовремено го заштитуваше од јаловата затвореност и од духовност лишена од динамизам и од здивот на надежта. Животот на верните, во распнатиот и воскреснатиот Христос заради нас луѓето, и денес ги побива сите туѓи прикази за христијанскиот етос како „морал на слабите“, наводно олицетворен во смиреномудрието, во простувањето, во жртвената љубов, во подвижништвото, во Господовото „Јас, пак, ви велам: не противете се на лукавиот“ и во другите начела и ставови коишто припаѓаат на самото јадро на нашиот идентитет. Ништо не е подалеку од вистината од ваквото толкување на етосот на Христијанството – на жртвената љубов која „не го бара своето“, љубов проткаена со великодушност, храброст и егзистенцијална автентичност. Пасхата е химна на оваа слобода, на верата „која дејствува преку љубовта,“ која не е наш сопствен подвиг, туку благодат и дар одозгора, и се живее во Светите Тајни на Црквата и во „тајната“ на служењето на ближниот. Навистина, „љубовта кон Бога воопшто не поднесува омраза кон човекот.“

Црквата Христова, „солта на земјата“, „светлината на светот“, градот „поставен на гора“, светилникот поставен „на свеќник“ – дејствено сведочи во светот, пред знаците на времињата, за дојдената благодат и „за надежта во нас.“ Словото за Крстот и за Воскресението денес одекнува како Евангелие на мирот, на помирувањето и на справедливоста. Војната, омразата и неправдата се спротивставуваат на основните христијански начела, за остварувањето и утврдувањето на кои секојдневно се моли и работи народот Божји. Во светлината на Воскресението, Го молиме Господа за жртвите на военото насилие, за сираците, за мајките кои ги оплакуваат своите деца, и за сите оние кои на телото и на душата ги носат последиците од човечката суровост и бесчувствителност. „Христос Воскресе“ е одрекување и осуда на насилството и стравот, и покана за мирен живот. Војната раѓа плач и смрт; Воскресението ја победува смртта и дарува нетление.

Пред секојдневните слики на варварството на војната, Црквата со висок глас ја прогласува светоста на човечката личност – на секој конкретен човек каде и да е на земјата – и должноста на безусловното почитување на нејзиното достоинство; и нè повикува „да го познаеме своето достоинство, да го почитуваме Првообразот, да ја признаеме силата на тајната и да разбереме заради кого умре Христос.“ Воскресението Господово е обновување на човекот во неговото предвечно призвание. Како „почеток на друг вечен живот“, ги исцелува отуѓувачките односи и го воспоставува мирот „кој го надминува секој ум“ – мир кој го опфаќа и земното помирување и умиротворување.

Боговдахновено, Светиот и Велик Собор на Православната Црква – десетгодишнината од чие свикување ја чествуваме годинава – ја подвлече должноста на Црквата „да го поддржува она што служи за мир и взаемно надградување“ (Римјаните 14, 19) и го отвора патот кон правдата, братството, вистинската слобода и заемната љубов помеѓу сите чеда на единствениот небесен Отец, како и помеѓу сите народи кои го сочинуваат единственото човечко семејство.“

Светата Пасха е целата наша духовна цивилизација, самото јадро на нашето благочестие. Воскресението Господово е и наше сопствено Воскресение во сегашниов век, а истовремено и претслика и предвкус на „општото воскресение на луѓето“ и на обновата на целото создание. Осветлени од пресјајната светлина на ликот на Воскреснатиот Христос, и прославувајќи Го во псалми и химни и духовни песни Неговото пресвето Име – на Кнезот на мирот, на Оној Кој е со нас „секој ден до крајот на векот“ – Ви посакуваме „Добро Воскресение“, целиот пасхален период исполнет со божествени дарови и сите дни на вашиот живот, возгласувајќи го светорадосното: Христос Воскресна! Навистина Воскресна Господ!

Фанар, Света Пасха 2026

† Константинополскиот

усрден молител кон воскреснатиот Христос

за сите вас

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here