Полицијата истражува поврзност на религиозни ритуали во случајот со смртта на шест лица во Бугарија

Date:

Share post:

Шесткратното убиство или групно самоубиство, што ја потресе бугарската и регионалната јавност, сè уште е мистерија за органите на прогонот. Се проверуваат две сценарија кои треба да потврдат дали станува за убиство или самуубиство, како дело на култ или секта, која функционирала зад параванот на невладина еколошка организација.

Бугарското Министерство за внатрешни работи соопшти дека станува збор за случај без преседан во нивната досегашна пракса, посочувајќи дека ваква комбинација на настани, со повеќе локации и повеќе жртви, досега не била регистрирана во Бугарија.

Обвинителката Христина Лулчева соопшти дека досега се наредени вкупно 18 судско-медицински, балистички и технички вештачења, а сослушани се 15 сведоци, меѓу кои и лица блиски до починатите. Според неа, обдукциите потврдиле дека сите шест лица починале од истрели во главата, при што не биле забележани траги што би укажувале на борба или на вмешаност на трети лица на самите локации.

– Во моментов се разгледуваат две главни верзии – убиство по кое следува самоубиство или самоубиство извршено од повеќе лица – изјави заменик-обвинителката Наталија Николова. Таа нагласи дека истражните органи внимателно ја анализираат поврзаноста меѓу двата настани, како и психолошката состојба и односите меѓу лицата кои биле дел од групата.

На прес-конференцијата беа прикажани и снимки од надзорни камери од областа кај Петрохан. На нив, според обвинителството, се гледа дел од групата во последните часови пред настанот, вклучително и моменти на разговор и разделување, што истражителите ги оценуваат како важен елемент за реконструкција на случувањата.

Овој случајот, кој во изминатите денови ја потресе бугарската јавност, се однесува на два одделни, но меѓусебно поврзани настани. На 2 февруари беа пронајдени три тела во близина на запалена планинска колиба кај Петрохан, а неколку дена подоцна уште три лица беа откриени мртви во камп-приколка паркирана под врвот Околчица. Сите жртви починале од прострелни рани.

Во фокусот на истрагата се сомнежите дека групата можеби функционирала како култ или секта, прикриена зад формата на невладина еколошка организација со прозаично и навидум нормално има „Национална агенција за контрола на заштитени подрачја“. Според Министерството за внатрешни работи, засега нема докази за формално регистрирана секта, но се проверува дали станува збор за затворена заедница со сопствени правила и силно внатрешно влијание врз членовите.

Во објектите што ги користела групата била пронајдена религиозна и идеолошка литература, како и симболи што упатуваат на специфични духовни убедувања. Дел од текстовите, според истражителите, содржеле пораки на очај и размислувања за „излез од реалноста“, што ја отвори и хипотезата за групно самоубиство.

Борислав Сарафов, вршител на должноста главен обвинител на Бугарија, рекол дека случајот е толку „необичен и шокантен“ што може да се спореди со филмската серија Твин Пикс (Twin Peaks) во која истрагата води кон мрачни, паранормални и мистериозни откритија. Она што буди најголеми сомнежи е позицијата во која е најдено телотo на 15-годишното момче – со фатени раце под колената и со испреплетени прсти, што укажува на можен ритуален чин.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img