Апелот за Украина, упатен од папата Лав XIV на општата аудиенција во средата, доби конкретен израз преку хуманитарна помош за настраданото население. Како што истакна папата, последиците од бомбардирањата повторно ја погодуваат енергетската инфраструктура, оставајќи илјадници луѓе без струја и греење во услови на екстремен студ.
По негова иницијатива, преку Дикастеријата за служба на милосрдието, беа испратени три камиони со вкупно 80 електрични генератори за Украина. Овој чекор е одговор на повиците на бројни епископи кои предупредија на тешката состојба на населението, особено поради ниските температури што ноќе достигнуваат до минус 15 степени, а преку ден се движат меѓу минус 10 и минус 12 степени целзиусови.
Многу жители биле принудени да ги напуштат своите домови и да побараат засолниште во загреани центри, каде што благодарение на генераторите можат да добијат и топол оброк. Камионите со генератори и лекови тргнаа од базиликата Света Софија во Рим, која е духовен центар на украинската заедница во Италија, и веќе пристигнаа во Фастив и Киев, региони силно погодени од последните напади.
Паралелно со ова, во текот на ноќта беа регистрирани воени дејствија и во Одеса и Харков, при што животот го загуби и едно десетгодишно дете. Војната, како што се наведува, не покажува милост, ниту кон најмладите, а секој гест на солидарност носи барем краткотрајно олеснување за луѓето кои веќе четири години живеат со траумата од конфликтот.
Заедно со генераторите, во Украина беа испратени и илјадници лекови, меѓу кои антибиотици, додатоци во исхраната и мелатонин, кој е особено баран поради постојаниот страв и стрес што го нарушуваат сонот на населението.
Дикастеријата за служба на милосрдието, предводена од кардиналот Конрад Крајевски, најави дека се подготвува и нова пратка со уште илјадници лекови, вклучувајќи и терапии за висок крвен притисок, како и различни прехранбени производи. По пристигнувањето во земјата, помошта се дистрибуира преку парохиските мрежи на локалните епархии.
Оваа хуманитарна акција е овозможена благодарение на соработката со фармацевтската мрежа Банко Фармачеутико, компанијата Проктер и Гембл и бројни луѓе со добра волја, на кои, како што нагласи кардиналот Крајевски, папата им изразува искрена благодарност за постојаната поддршка на оние кои страдаат.

