Со благослов на митрополитот Онуфриј, делегација на Чернивечката епархија на Украинската православна црква – Московска патријаршија престојуваше во Бугарија, известува Doxologia Infonews. Во состав на делегацијата беа Банченскиот митрополит Лонгин Жар, Херцаевскиот архиепископ Силуан и Новоселицкиот епископ Клеопа.
Во рамките на посетата беше одржана средба на јерарсите на УПЦ МП со поглаварот на Бугарската православна црква, патријархот Даниил. Делегацијата учествуваше и на свеченостите по повод 25-годишнината од изборот на Ловчанскиот митрополит Гаврил за епископ, кој е познат како поддржувач на УПЦ МП и противник на Православната црква на Украина.
Минатиот декември, митрополитот Лонгин, кој е предмет на судска постапка поради обвиненија за поттикнување верска омраза, престојуваше и во Молдавија, каде што се сретна со јерарси на Руската православна црква.
Лонгин Жар е обвинет за намерни дејствија насочени кон поттикнување национална, расна или верска омраза, како и за понижување на националната чест и достоинство и навреда на чувствата на граѓаните поврзани со нивните верски убедувања. За овие дела е предвидена парична казна или затвор до пет години, како и можност за забрана за вршење одредени должности или активности во период до три години.
Претходно, митрополитот Лонгин демонстративно побарал судски преведувач на романски јазик, тврдејќи дека не го разбира украинскиот. Судските рочишта во повеќе наврати биле одложувани поради наводно влошена здравствена состојба на обвинетиот. Тој изјавил дека неговото присуство на суд му го отежнува лекувањето и спроведувањето на хемотерапија.

