Читам денес едно ставченце, едно колумниче, една глупост (не ја пишувам намерно во деминутив) на експертот за манипулација и махерот за давање услуги – на еден квази новинар и уредник. Човекот е навистина професионален да одработува, да дава услуги, што го сврстува во редот на различните давачи на услуги.
Но во ред, тоа е слободарски избор, само се излажал со тоа дека овој негов професионализам е доблест. Во своето коментарче тој ги прозива владиците на САС на МПЦ за предавници, дека го продале македонското, нарекувајќи ги неколку пати мрсници (ептен долично)… Замислете овој – кој во своите ставови стопати го продал македонското, на кого не му чинело многу нешто овде во Македонија, а никако да си замине, да рече не се живее овде….изгледа добро (се) живее.
А заборавил кутриот, неговите ментори (на пример Јанко, кој место да го воведе во верата, го вовел во тактиките на омразата) и тие што им веруваат колку пати САС на МПЦ излегол со соопштенија околу името на државата, Црквата – дека треба да се опстои и да се зачува. Нема да се занимавам со историјата и патологијата на личноста на човечето-жуналист, ниту ќе кажувам за неговата близина со Нинови (ПОА), ниту пак за неговиот чуден атеизам кој кога е во функција на “проектот Вранишковски” – преминува дури во верски фанатизам, а кога се работи за МПЦ – преминува во оној стандарден македонски атеист (јас сум атеист, не верувам, но верата, Црквата, поповите, не чинат, вакви се, такви се) – непријател на верата и Црквата, богоборец, вероосквернувач… преминува во сатанист.
Возљубени и мили во Христа, сакам да ви кажам дека ве лажат и сакаат да ве измамат, дека спинуваат. Дали од некаков страв, дали од омраза така реагираат, не знам, но не е Христовски.
Писмото до Сесветиот Вселенски патријарх е испратено заради неговата грижа за телото на Христовата Црква,кое со нерешениот статус на МПЦ – крвави.Патријархот соболува со верниот народ во Македонија кој е неправедно изопштен од заедничарењето со сите други православни и сака искрено да пристапи кон решавање на проблемот.Ослободен е од светските желби за доминација,за поседување,за црковен империјализам… Историски и канонски е таму каде што е – неговиот статус е резултат на историјата и согласието на православната екумена. Некому не ми се допаѓа тоа,но тој ги има инструментите кај себе,а згора на се има и духовна димензија и духовна човечност.
Историски речиси сите Православни Цркви тропале на вратата на Константинопол кога биле надвор од заедницата – дури и предците на белградски Иринеј, московски Кирил, бугарски Неофит. И мудри се нашите синодски старци и оние кои се најзаслужни и најупорни и најоддани во желбата и љубовта да се реши прашањето на МПЦ, а не се дел од САС. Како Црква тропаме за да ни се отвори, бараме за да најдеме… како личности, со достоинство, со интегритет. Веруваме и се надеваме на капацитетот на Вселенскиот патријарх, неговиот духовен и личносен. И кажуваме – тие сме, за други не не сметајте, тоа сакаме.
А околу името: секој поупатен знае, и за тоа нема што да се објаснува многу, ниедна Црква не е пишана во диптихот со националното име, туку со екслисиолошкото, со името на катедрата. Во нашиот случај Охридска Архиепископија.
Пишува: Презвитер Бобан Митевски


Те научиле твоите ментори да лажеш и манипулираш осудуваш и камуфлираш а и шпекулираш, се разбира. Секој нека и мудар и нека гледа и нека оценува што пишува ова попче, кое многу лесно може да ја согледа вистината, ама алчноста и желбата за позиција му е поблиска. Барем да си глупав, па да не ти се земе за кусо. Еве, вратата само што не се отворила, ама не дај Боже, да е врата од друго место, а не од седиштето на Вселенската.