Во Атина се одржа годишниот настан на Асоцијацијата на пријателите на светогорскиот манастир „Есфигмен“, со присуство на црковни претставници, државни функционери, пратеници и бројни верници.
На настанот присуствуваа претставници на Вселенската патријаршија, Александрискиот патријархат и Атинската архиепископија, како и грчкиот министер за правда, градоначалници и членови на парламентот. Присутни беа и монаси од манастирот „Есфигмен“ и свештеници од повеќе митрополии.
Во главното обраќање, игуменот на манастирот, архимандрит Вартоломеј, говореше на тема „Атон: порака на надеж и сила – ако сакаш, можеш“, истакнувајќи го духовното значење на Света Гора во современиот свет. Тој нагласи дека, и покрај монашкото секојдневие, духовното општење со поклониците претставува значајна поддршка за современиот човек.
Особено внимание беше посветено на, како што беше наведено, сериозниот проблем со незаконското заземање на централната зграда на манастирот. Беше изразена загриженост поради непочитувањето на одлуките на светогорските власти и грчкото правосудство, како и поради неактивноста на државата во заштитата на Света Гора.
Беше потенцирано дека станува збор објект од светско културно наследство под заштита на УНЕСКО, кој, според изнесените ставови, моментално се наоѓа во рацете на нелегални лица, со што се загрозуваат братството и историскиот континуитет на монашката заедница. Организаторите појаснија дека законските постапки не се водат од верски, туку од правен основ – поради незаконско користење на простор што припаѓа на друго вероисповедание.
Мотото на вечерта „Ако сакаш… можеш“ беше упатено како порака до грчката држава, со повик за доследна примена на законот и ефективна заштита на Света Гора.
Во заклучокот беше истакнато дека, и покрај актуелните тешкотии, Света Гора продолжува непоколебливо по својот духовен пат и останува извор на духовна сила и сведоштво во современиот свет.

