Европа се појасно ја согледува улогата на РПЦ во руската хибридна агресија

Date:

Share post:

Европските разузнавачки служби сѐ појасно ја согледуваат улогата на Руската православна црква во надворешната политика на Кремљ и нејзината вклученост во разузнавачката инфраструктура на Руската Федерација. Токму војната во Украина и улогата на РПЦ во рамките на руската хибридна агресија придонесоа ова сознание да стане јасно, артикулирано и институционално препознаено.

Ова во интервју за РИСУ го истакна Павел Врублевски, раководител на Лабораторијата за прогностички истражувања на религиските трансформации при Вроцлавскиот универзитет во Полска.

„Сведоци сме на фундаментална промена на парадигмата во работењето на европските специјални служби: премин од реактивно одговарање на поединечни инциденти кон систематско демонтирање на руската хибридна инфраструктура, во која Руската православна црква има значајна улога. Таканаречените ‘сиви зони’ за маневрирање на руските разузнавачки служби стануваат сѐ потесни“, нагласува Врублевски.

Според него, заедничката закана не само што ја продлабочува соработката меѓу државите, туку и ја стандардизира.

„Фактички сведочиме на зголемена координација на дејствијата меѓу разузнавачките служби на земјите-членки на Европската Унија и Обединетото Кралство. Стандардизираните протоколи за размена на разузнавачки информации ќе бидат клучни за формулирање сѐ поадекватни одговори на современите закани. Во исто време, непредвидливоста на актуелната политика на Соединетите Американски Држави ја поттикнува Европа кон поголема стратешка самостојност“, вели експертот.

Тој посочува дека пред почетокот на војната во Украина, тврдењата дека една религиска заедница може да биде дел од шпионска или хибридна мрежа често биле отфрлани како „теории на заговор“. Денес, пак, тие се предмет на сериозна, аргументирана и со докази поткрепена анализа, што им го олеснува на европските влади донесувањето решителни, иако политички и општествено чувствителни одлуки.

Врублевски се осврнува и на неодамнешната изјава на Службата за надворешно разузнавање на Руската Федерација, во која беа изнесени обвинувања кон Вселенскиот патријарх Вартоломеј и западните разузнавачки служби. Според него, самиот документ „јасно ја разоткрива состојбата на институцијата што го издала“.

„Содржината и формата на соопштението на прес-службата на СВР на Руската Федерација ги оценувам како чин на крајна фрустрација и самокомпромитација. Дури и во советскиот период, кога Православната црква беше целосно потчинета на државата, КГБ не се впушташе во теолошки квалификации и соопштенија“, истакнува тој.

„Во цивилизираниот свет е тешко да се замисли дека орган одговорен за државната безбедност би се занимавал со ‘разобличување’ на наводен ‘воплотен ѓавол’ или ‘Антихрист од Константинопол’“, иронично забележува експертот, оценувајќи дека ваквата реторика е симптом на длабока трансформација на руската политика, во која границите меѓу државата, религијата и безбедносниот апарат станале нераздвојни.

Како специјалист по филозофија на религијата и истражувач на когнитивната безбедност, како и на влијанието на културата и религијата врз државната безбедност, Врублевски укажува дека наративот на СВР РФ е изграден врз шематски и добро познати елементи на кремљовската пропаганда: прикажување на западните разузнавачки служби како извор на сите руски неуспеси и систематско етикетирање на политичките противници како „националисти“ и „неонацисти“.

Според него, авторот на текстот нема богословско образование, но е под силно идеолошко влијание на Александар Дугин, идеологот на таканаречениот „рашизам“.

„Во текстот јасно се препознаваат клучни мотиви од делата на Дугин: манихејската поделба на светот на апсолутно добро (Русија) и апсолутно зло (Западот и Константинопол), визијата за конфликтот со Западот како есхатолошки судир, претставата за Русија како ‘сила што задржува’ (katechon) доаѓање на Антихристот, инструментализацијата на богословието за империјални цели, како и геополитичката конкуренција меѓу Москва и Константинопол за лидерство во православниот свет“, наведува Врублевски.

Тој заклучува дека објавената изјава претставува институционално ехо на идеологијата на Дугин — нејзин премин од маргините на екстремизмот во официјалниот дискурс на руските специјални служби.
„Без оглед дали самиот Дугин е директен автор на текстот, станува збор за опасен премин од реалната политика кон длабока државна митоманија“, подвлекува експертот.

/Црковен Журнал ЛОГОС

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img