Архиепископот Стефан во велигденско интервју за Слободен Печат, вели дека канонското единство преку Вселенската патријаршија и препознавањето на автокефалноста од СПЦ, ги отвори и вратите што им се отворени на остатантите сестрински, посочувајќи дека настаните од 2022 година не промениле ништо во МПЦ, но се променила перцепцијата за МПЦ во православниот свет.
-Препознавањето на нашата возобновена автокефалија, од која следната година ќе прославиме 60 години, односно нашето примање во сеправославната екумена од Вселенската патријаршија и добивањето на Томосот од Српската православна црква, имаат, се разбира мошне благопријатно дејство врз животот на нашата Црква. Божјата благодат секогаш си била и ќе биде во нашата Црква, оттаму, велерадосните настани од 2022 година тука не променија ништо, но се промени перцепцијата за нас во православниот свет. Сега ни се отворени сите врати што им се отворени и на останатите сестрински цркви: нашите архијереи и јереи сослужуваат со браќата од сите помесни цркви, нашиот благочестив народ пристапува пред светиот Путир каде и да се наоѓа, нашите професори и истражувачи имаат поголема соработка со академскиот богословски свет, така што сето тоа навистина нѐ радува и нас, а и воопшто целата света, соборна и апостолска црква, вели архиепископот Стефан во интервјуто за Слободен Печат.
Во интервјуто тој зборува и за македонската црквовна дијаспора, посочувајќи дека таа е добро организирана, но проблем за државата е што таа постојано расте.
-Нашите храмови и по Европа и во Северна Америка и во Австралија се полни. Младите свештеници организираат библиски кружоци и катихетски школи, се формираат црковни хорови… и сето тоа радува. Секако, од друга страна, пак, тоа сведочи дека ние овде, како држава, никако не успеваме да го сопреме, или макар да го намалиме силниот процес на иселување, кој со децении ја пустоши Македонија, лишувајќи ја од добар дел од својата младина. Но, тоа е друго прашање. Прашање на кое се надевам дека како општество ќе најдеме решение во блиска иднина. Во спротивно, веќе и не ќе имаме време за решение, вели Стефан во интервјуто.
