Ексклузивно: Двајца владици на МПЦ-ОА ќе патуваат во Москва на роденденот на Рускиот патријарх Кирил

Date:

Share post:

Црковна делегација на МПЦ-ОА ќе патува во Москва за роденденот на Рускиот патријарх Кирил, дознава Религија.мк од доброупатени избори.

На 20 ноември, кога рускиот патријарх Кирил ќе наполни 80 години, Црковна Москва подготвува голем православен настан, на кој според информиациите на Религија.мк од МПЦ-ОА ќе учествуваат двајца архијереи, кои за Москва ќе заминат како официјална делегација на МПЦ-ОА делегирана од архиепископот Стефан. Ова практично ќе биде прва официјална посета на МПЦ-ОА на Руската црква, откако МПЦ-ОА влезе во канонско единство со одлука на Вселенската патријаршија, а Руската црква ја призна за автокефална црква, прифаќајќи го Томост од СПЦ.

Иако, минатата година во Москва беа владиците Петар и Никола, сепак изворите на Религија.мк толкуваат дека нивното патување во Москва лани било во приватна режија, за разлика од ова сега, кое ќе се води како официјална посета на македонска црковна делегација.

Нашите извиори засега не ги откриваат имињата на владиците кои ќе заминат на 19 ноевмри за Москва, но посочуваат дека нивното патување во Русија е во координација со институциите на државната власт, пред се поради меѓудржавните односи последните четири години. Истите извори посочуваат дека посетата на Москва ќе има исклучиво црковен карактер.

Јубилејното роденден на Кирил се случува во ситуација на затегнати околности во православниот свет, но спорд најавите прославата би можела да се претвори во еден од позначајните меѓуцрковни собири на годината, особено ако на неа присуствуваат поглавари или високи делегации од повеќе помесни православни цркви, кои веќе се поканети.

Засега нема официјално потврдена конечна листа на странски поглавари и делегации што ќе присуствуваат на прославата. Во анализата „Кој ќе дојде на роденденот на Кирил?“, објавена на 12 октомври, Сергеј Чапнин ги разгледува можните гости, но нагласува дека станува збор за процена, а не за официјални потврди. Меѓу можните учесници се споменуваат претставници на Бугарската, Српската, Ерусалимската, Антиохиската и Грузиската православна црква, Албанската, како и на други црковни организации.

Во овој список, посебно внимание привлекува бугарскиот патријарх Даниил, за кој сосема извесно е дека ќе отпатува за Москва, не само поради традиционалните врски меѓу Софија и Москва, туку и поради она што се случи неколку недели пред јубилејот во руската престолнина.

Вартоломеј ја отвори темата за помирување

Посетата на вселенскиот патријарх Вартоломеј на Бугарија, од 17 до 19 октомври, не беше важна само поради заедничките богослужби и средбите со бугарскиот патријарх. Нејзиното пошироко значење се откри во пораките што Вартоломеј ги испрати за иднината на односите меѓу православните цркви.

Во интервју за БНТ, тој ја посочи Бугарската православна црква како можна посредничка страна меѓу Вселенската патријаршија и Руската православна црква, образложувајќи го тоа со добрите односи што Софија ги одржува со двата црковни центри.

Но, уште поважна е неговата порака за периодот по војната во Украина. Вартоломеј изрази очекување дека, кога ќе заврши војната, помесните православни цркви повторно ќе почнат да соработуваат како порано, во единство и братска љубов.

Иако Вартоломеј, сепак, не најави конкретен договор за помирување, ниту рече дека причините за сегашната криза можат едноставно да бидат оставени настрана, сепак оваа изјава отвора простор за прашањето дали Вселенската патријаршија веќе размислува за периодот по војната и за можностите за обновување на односите со Москва.

Така што во овој контекст, бугарскиот патријарх има и легитимна причина зошто би отпатувал на роденденот на Рускиот патријарх, иако огромен дел од православието смета дека Кирил со своите потези и поддршка на војната во Украина ја вброи руската црква во агресорската политика на Путин.

За бугарскиот патријарх Даниил, ваквата можност отвора деликатна позиција. Неговите ставови за украинското црковно прашање се поблиски до позициите што ги застапува Москва, особено во однос на признавањето на автокефалноста на Православната црква на Украина. Истовремено, Бугарската православна црква одржува канонски и институционални односи со Вселенската патријаршија.

Посетата на Вартоломеј на Софија покажа дека овие разлики не ја исклучуваат можноста за непосреден разговор и заедничко богослужение. Но, одржувањето на дијалогот не значи дека несогласувањата се надминати.

Ако Даниил навистина отпатува во Москва на роденденот на Кирил, неговото присуство ќе добие дополнителна тежина токму поради изјавата на Вартоломеј. Тоа би било потврда дека Софија продолжува да одржува непосредни односи со Москва и покрај новиот дипломатски простор отворен со посетата на Вселенскиот патријарх.

Дополнително, според неофицијалните најави, покрај Даниил, во Москва би можеле да отпатуваат и уште тројца други поглавари на помесни цркви, или црковни делегации, што според нашите извори би претставувало добра можност за македонската црковна делегација да ја афирмира својата позиција и за споственото црковно прашање, но и за состојбите во православието. Единстевно низ таа призма, велат изворите на Религија.мк, треба да се гледа и учеството на македонска црковна делегација во Москва.

Кирил има потреба од меѓуцрковна видливост

За Руската православна црква, јубилејот доаѓа во чувствителен момент. Поддршката што Кирил ѝ ја дава на руската државна политика во однос на Украина, како и спорот со Константинопол околу украинската автокефалност, ја прават секоја меѓународна црковна средба потенцијално значајна.

Во такви околности, присуството на поглавари и делегации од други помесни цркви може да биде претставено како доказ дека Москва не е изолирана во православниот свет, иако тоа не значи дека секој гостин ја поддржува политиката на Кремљ или сите ставови на Кирил. Црковните односи имаат сопствена историја, канонски правила и институционални интереси. Но, меѓународната видливост на Руската црква има значење и за пошироката руска државна дипломатија.

Затоа, важно ќе биде не само колку гости ќе се појават во Москва, туку и кој ќе биде нивниот ранг. Личното присуство на поглавар, делегација предводена од митрополит или испраќање писмена честитка не се идентични дипломатски гестови. Јубилејот на Кирил може да стане показател за опстојувањето на врските меѓу Москва и дел од православните цркви, но неговото значење ќе зависи од конкретниот состав на гостите и пораките што ќе ги испратат.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img