Митрополитот Епифаниј Киевски и на цела Украина упати критики кон Ерусалимската патријаршија и другите помесни православни цркви што не воспоставиле целосно црковно општење со Православната црква на Украина (ПЦУ), повикувајќи се на библискиот спор меѓу апостолите Петар и Павле.
Во објава на социјалните мрежи, поглаварот на ПЦУ порача дека и црковните водачи можат да грешат и дека историскиот авторитет на една помесна црква не значи дека нејзините денешни одлуки се секогаш исправни.
Како пример, Епифаниј се повика на Посланието до Галатјаните, во кое апостол Павле отворено му се спротивставил на апостол Петар во Антиохија поради неговиот однос кон христијаните од незнабожечко потекло. Според библискиот запис, Петар се повлекувал од заедничкото општење со нив под притисок на оние што сметале дека новопокрстените треба да ги почитуваат еврејските верски прописи.
Павле го осудил таквото однесување како спротивно на евангелското учење, посочува Епифаниј, извлекувајќи паралела со денешните несогласувања меѓу православните цркви.
„Не конкретна помесна црква е изворот на вистината, туку Исус Христос“, порача украинскиот митрополит.
Епифаниј посебно се осврна на аргументите со кои се нагласува историското значење на Ерусалимската патријаршија, а кои, според него, се користат за оспорување на црковниот статус на ПЦУ.
Тој ја признава посебната историска улога на Ерусалим како место поврзано со почетоците на христијанската Црква, но смета дека тоа не значи дека нејзиното денешно раководство не може да донесува погрешни одлуки.
„Не Ерусалимската црква, туку Христос е Вистината, Патот и Животот“, истакна Епифаниј.
Според Епифаниј, црковните водачи треба да ги темелат своите одлуки врз Божјото откровение и Евангелието, а не врз човечки интереси или врз авторитетот што произлегува од институционалната и историската положба на една црква.
И покрај критиките, поглаварот на ПЦУ изрази надеж дека Ерусалимската патријаршија и другите цркви со текот на времето ќе го преиспитаат својот однос кон украинската црква.
Како пример дека несогласувањата можат да бидат надминати, тој го посочи библискиот настан со апостолите Петар и Павле, толкувајќи го како потврда дека црковните поделби не мора да бидат трајни.
„Веруваме дека, како што Петар и некои од другите апостоли го исправиле својот погрешен став и го прифатиле сведоштвото на Павле за вистината, така и Ерусалимската црква и некои други цркви ќе го исправат својот однос кон нашата помесна црква“, порача Епифаниј.

