Со кое право мирјани, кои не поседуваат никаков степен во свештената јерархија, си ја присвојуваат власта да изрекуваат анатеми над канонски архијереи, презвитери и ѓакони, да го осудуваат нивното служење и да определуваат со кого православните христијани смеат да пристапуваат кон светата Причест? Зар анатемата е личен извик што секој може да го упати според своето расположение? Зар црковното одлачување му е доверено на оној што зборува најгласно, вика најупорно и собира околу себе најмногу следбеници?
Пишува: Велизар Беров (за hristianstvo.bg)
Нека биде кажано јасно, за да не остане никакво сомневање: Православната црква не е собрание на самостојни религиозни личности кои, според сопственото наоѓање, одлучуваат кој е епископ, кој поседува благодат, кој е расколник, кој е еретик или чиешто Евхаристиско собрание го заслужува нивното одобрување. Црквата е Тело Христово. Црковното единство се открива и се остварува во светата Евхаристија, со која претстојателствува канонскиот епископ или презвитерот кому тој му го доверил ова служење. Оној што свесно го отфрла евхаристиското општење со својот канонски епископ, ги прогласува неговите Свети Тајни за лишени од благодат и ги повикува другите да се одвојат од него, посега по самото видливо единство на Црквата.
Уште древното канонско предание на Црквата сведочи колку сериозно се восприема нарушувањето на евхаристиското општење. Осмото апостолско правило пропишува:
„Епископ, презвитер или ѓакон, или некој од свештениот чин, кој нема да се причести при извршувањето на принесувањето, нека ја наведе причината и, ако е оправдана, нека биде извинет, а ако не наведе причина, нека биде одлaчен од црковното општење како оној што му нанел штета на народот и предизвикал сомневање во оној што го извршил принесувањето, како да го извршувал неправилно.“
Деветтото апостолско правило дополнува:
„Треба да бидат одлaчени од црковното општење сите оние верни кои влегуваат во црква и го слушаат Светото писмо, но не остануваат на молитвата и светата Причест до крајот, како оние што предизвикуваат неред во црквата.“
Овие свети правила откриваат колку длабока била свеста на древната Црква за единството на евхаристиското собрание. Особено показателно е Осмото апостолско правило, кое изречно укажува на опасноста од создавање сомневање во свештенослужителот што го извршува светото Приносение. Ако уште древната Црква покажувала таква строгост кон дејствијата што го нарушуваат евхаристиското општење и поредокот на богослужбеното собрание, колку поголема одговорност носат оние што јавно го прогласуваат евхаристиското служење на канонските архијереи за недостојно и ги повикуваат верниците да се одвојат од нивната Чаша? Строгоста на овие свети правила е насочена кон свесното нарушување на евхаристиското општење и кон нередот во црковното собрание, при што се земаат предвид и оправданите причини за воздржување од светата Причест.
Во основата на ова евхаристиско единство се наоѓа и канонското епископско служење. Епископот го прима своето служење преку канонско ракополагање во општењето на Црквата. Неговото служење е нераскинливо поврзано со останатите епископи, со соборноста на Црквата и со евхаристиското единство на помесните православни цркви. Кога некој самоволно прогласува некој епископ за лишен од благодат, за расколник или еретик, тој неизбежно го доведува во прашање и црковното општење во кое епископот служи. А кога последователно ќе го прогласи целото тоа општење за лишено од благодат, тогаш веќе го оспорува апостолското преемство и таинствениот живот на Црквата.
Со кое право тогаш се нарекувате заштитници на Православието, кога го отфрлате неговото евхаристиско единство? Свети Игнатиј Богоносец сведочи:
„Каде што ќе се појави епископот, таму нека биде и мноштвото“ (Послание до Смирњаните, 8:2). А светиот апостол Павле прашува: „Зар Христос се раздели?“ (1 Кор. 1:13).
Еве го прашањето на кое треба да одговорат сите што денес со леснотија отфрлаат канонски архијереи и им сугерираат на православните христијани дека нивната Евхаристија е осквернета, незаконска, расколничка или еретичка. Зар Христос се раздели? Зар благодатта на Светиот Дух се потчинува на вашите политички преференции? Зар апостолското преемство се прекинува со објавувањето на вашата најнова декларација на Фејсбук?
И тука треба да се постави уште едно прашање, пред кое совеста на секој православен христијанин е должна да застане со сета своја одговорност: како е можно човек што го исповеда Христос да ја прекинува светата Божествена Литургија со извици, обвинувања и самоволно изрекувани анатеми? Како е можно во оној свет момент, кога Црквата ја вознесува својата евхаристиска благодарност кон Бога, кога свештенослужителите претстојат пред светиот Престол и верниот народ се собира околу едната Чаша, некој да го претвора храмот во место за демонстрирање на сопствените убедувања?
Со кое право мирјани, кои не поседуваат никаков степен во свештената јерархија, си ја присвојуваат власта да изрекуваат анатеми над канонски архијереи, презвитери и ѓакони, да го осудуваат нивното служење и да определуваат со кого православните христијани смеат да пристапуваат кон светата Причест? Зар анатемата е личен извик што секој може да го упати според своето расположение? Зар црковното одлачување му е доверено на оној што зборува најгласно, вика најупорно и собира околу себе најмногу следбеници?
Верата се брани со вистина, богословско сведоштво, канонски поредок и црковна одговорност. Светите отци ја познавале силата на разобличувањето, но ја знаеле и страшната тежина на разделбата. Кога еден христијанин ќе застане пред светата Чаша, тој пристапува кон Самиот Христос. Тој ги прима пречистото Тело и драгоцената Крв на Господа, Кој доброволно се принесе Себеси за животот на светот. И ако оваа Чаша се принесува во канонското евхаристиско општење на Православната црква, никој самопрогласен судија нема право да сугерира дека таа ја изгубила својата светост единствено затоа што не му се допаѓа архијерејот што претстојателствува.
Светиот апостол Павле вели:
„Чашата на благословот што ја благословуваме, не е ли заедница со крвта Христова? Лебот што го прекршуваме, не е ли заедница со телото Христово? Бидејќи еден леб, едно тело сме ние многуте, зашто сите се причестуваме од еден леб“ (1 Кор. 10:16–17).
Еве ја суштината на прашањето. Една Чаша. Еден Леб. Едно Тело. Еден Господ. Пред оваа вистина треба да замолкне секоја човечка гордост што сака да се постави над соборната совест на Црквата. Вие можете да ја отфрлите поканата кон светата Чаша. Можете да се оддалечите од евхаристиското општење. Можете дури и да убедите други да го следат вашето одвојување. Но не можете со сопствена одлука да го лишите канонскиот епископ од благодатта на неговото служење. И ако дојдете до убедување дека целата Црква ја изгубила благодатта затоа што не ги прифатила вашите пресуди, тогаш треба да се запрашате кој навистина се одвоил од црковното единство. Зашто Црквата не престанува да биде Црква кога некој ќе се одвои од неа. Тежината на тоа одвојување лежи врз совеста на оној што свесно го прави.
И тука одекнуваат зборовите на свети Кипријан Картагински:
„Не може да Го има Бога за Отец оној што ја нема Црквата за мајка“ (За единството на Католичката црква, 6).
Никој нека не заборави дека светата Чаша е Чашата на единството, простувањето, воскресението и вечниот живот. Во неа се открива безмерната Божја љубов, која го повикува човекот на покајание, исцеление и спасение. Христос ги собира расеаните Божји чеда во едно, го победува непријателството и ни ја открива надежта за конечното торжество на животот над смртта. Божјата љубов не престанува да го бара дури ни оној што се оддалечил од црковното општење. Затоа и молитвата на Црквата ги опфаќа сите, со надеж за нивно обраќање, помирување и спасение, со почитување на слободата со која Бог го дарувал човекот.
Да ја прогласуваш светата Чаша за лишена од благодат без утврдена догматска и канонска основа значи да преземеш страшна одговорност пред Бога и пред Неговата Црква. А да ги попречуваш другите да пристапат кон неа преку извици, закани, јавни обвинувања и самоволно изрекувани анатеми значи да посегнуваш по мирот на евхаристиското собрание и по слободната совест на верниците. Никој не може самиот да се прогласи за единствен чувар на Христовата вистина и, врз основа на таа самоприсвоена власт, да го суди целиот православен епископат. Никој нема право да го претвора светиот храм во судница на личните убедувања, а Божествената Литургија во говорница за своите обвинувања. И никој не треба да заборави дека пред светиот Престол сите стоиме како луѓе на кои им е потребна Божјата милост.
Ќе дојде денот кога сите наши зборови, сите наши пресуди и сите наши дела ќе застанат пред Христос, Кој единствен ги познава срцата и суди со правда и милост. Тогаш нема да нè спасат громогласните зборови, самоволно изречените анатеми или претензиите за исклучителна верност кон Православието. Ќе остане прашањето дали сме ги сочувале љубовта, вистината и единството кон кои нè повикува Господ. И оној што навистина сака да остане верен на апостолската Црква треба да помни дека апостолската вера, апостолското преемство и евхаристиското општење припаѓаат на единствениот живот на Телото Христово. Зашто никој не може да го брани единството на Црквата уништувајќи го мирот на нејзината Литургија. Никој не може да проповеда верност кон Христос, а самоволно да ги одлачува од Неговата Чаша оние што Црквата ги признава за свои пастири.
Но дали сте размислувале што би се случило доколку Црквата, чии архијереи денес толку лесно ги осудувате, самата се произнесе за вашите дејствија? Доколку Светиот синод ги разгледа вашите јавни обвинувања, повиците за прекинување на евхаристиското општење и самоволно изречените од вас анатеми? Доколку оние што денес се претставуваат како судии на Црквата бидат повикани да одговараат пред нејзината законска соборна власт? Лесно е да извикаш „Анатема!“ против патријарх или епископ кога самиот си го присвоил правото да судиш. Но дали ја сфаќате страшната тежина на овој збор? Дали сте размислувале што значи тој кога ќе биде изречен од самата Црква преку нејзината надлежна власт, по канонско разгледување и утврдување на основите за таква осуда?
Што ќе се случи ако утре истата таа Црква, која денес толку дрско ја обвинувате за отстапништво, ве повика да одговорите за внесениот немир, за соблазнетите верници и за разделбата што ја сеете? Што ќе се случи ако ви биде напомнато дека никој не може неказнето да си ја присвојува соборната власт и да изрекува пресуди во името на Православието? Затоа, пред повторно да го изговорите зборот „Анатема!“, размислете за сопствената одговорност пред Бога и Неговата Црква. Размислете за денот кога сите ќе застанеме пред Христовиот суд, каде што човечката гордост, самоувереноста и громогласните обвинувања нема да имаат никаква власт.
Зашто Црквата што денес толку дрско ја осудувате е истата онаа Црква во чиешто крило сте го примиле светото Крштение, чијашто света Миро ве запечатило со дарот на Светиот Дух и од чијашто Чаша сте ги примале Телото и Крвта Христови. И ако некогаш го слушнете од нејзината законска соборна власт страшниот збор „Анатема!“, тогаш ќе разберете колку опасно било овој збор да го претворате во оружје на сопствената гордост. Но дури и тогаш вратата на покајанието останува отворена. Зашто Црквата се моли за враќањето на заблудените и за спасението на сите.
Пред да изречете анатема над Црквата, размислете што би значело Црквата да изрече анатема над вас. И никој што навистина ја разбира тајната на светата Евхаристија не би се осмелил повикот „Со страв Божји, вера и љубов пристапете“ да го претвори во повод за разделба, непријателство и осудување. Последниот збор на Црквата е словото на Христовата љубов, која повикува на покајание, ги собира разделените и ја благовестува победата над последниот непријател — смртта.
„А најпоследен непријател, кој ќе биде уништен, е смртта“ (1 Кор. 15:26).
И пред оваа голема тајна, секое човечко претендирање на власт над Божјата благодат треба да отстапи место на смирението, молитвата и евхаристиското единство.

