Во својата книга „Рускиот антисвет“, рускиот филозоф емигрант Михаил Епштајн – професор на Универзитетот „Емори“ во Атланта – ја анализира неуспешната историска судбина на Русија; патот што ја навел земјата да го имитира Западот, истовремено негувајќи сè поагресивна желба за одмазда кон него. Книгата на Епштајн се потпира врз културната и политичката историја, како и врз литературата и психологијата, за да ги истражи длабоко вкоренетите и загадочни механизми што го поттикнале Путин да ја започне војната во Украина.
Во интервју за весникот Le Figaro, по повод објавувањето на книгата во Франција, авторот тврди дека парадоксот на Русија се состои во тоа што таа историски се определува себеси како разорна сила – „антисвет“, чиј нихилизам и „идеологија на крајот“ денес му се закануваат на човештвото со нуклеарна апокалипса.
LE FIGARO: Во Вашата книга „Рускиот антисвет“ забележувате дека метафизичките причини за војната на Путин остануваат загадочни. Вашата теза е дека историскиот процес ја турка Русија кон самоуништување – а можеби и сите нас заедно со неа, кон апокалипсата. Ве молиме, објаснете ни го тоа.
МИХАИЛ ЕПШТАЈН: Поимот „антисвет“ упатува на централниот концепт на современата руска политика: „Рускиот свет“ и неговото проширување. Првично, оваа идеја – која се појавила во деведесеттите години во кругот на филозофот Георгиј Шчедровицки – била насочена кон културна експанзија. Но Владислав Сурков ја претвора во пропагандно оружје, кое го изразува стремежот на Русија повторно територијално да се проширува.
Она што овде вчудовидува е целосното отсуство на содржина во овој концепт. Идејата за „Третиот Рим“, пансловенскиот проект со центар во Русија, а подоцна и комунизмот – сите тие имале определена содржина. Меѓутоа, во верзијата на Путин се соочуваме со тавтологија: „Рускиот свет“ треба да се проширува едноставно затоа што е „Руски свет“.
LE FIGARO: За Вас, овој „Руски свет“ претставува опасен антисвет. И, пред сè, анти-Запад.
МИХАИЛ ЕПШТАЈН: Русија отсекогаш го определувала остатокот од светот како нешто спротивно на самата себе (како „анти“), поаѓајќи од претставата дека е „опкружена со непријатели“: нехристијани, католици, протестанти, буржоазија, капиталисти, империјалисти, антисoветски елементи, русофоби… Сликата на опколената тврдина доминира во современата пропаганда. Меѓутоа, ова открива дека самата Русија е „анти“ во однос на светот.
Кога ја определувам како суштински антизападна, се повикувам на прочуената книга на Освалд Шпенглер „Пропаста на Западот“, во која тој забележува дека руската цивилизација се појавила како „псевдоморфоза“: за време на Петар Велики таа тргнала по западниот историски пат, без да биде целосно подготвена за тоа.
Таа усвојува сè што е западно – и го свртува против самиот Запад! Оваа „псевдоморфоза“ се претвора во „антиморфоза“. Замислете го тој комплекс, таа огорченост што го претвора самиот образец на кој му подражаваме во извор на нашата најсилна омраза.
Мимесисот – подражавањето – раѓа немесис: жед за одмазда.
Тоа е пресудниот фактор во целокупната руска политика уште од времето на Петар Велики, без оглед на обликот што го добива – било да станува збор за Руската Империја, со нејзиниот стремеж да ги обедини словенските земји наспроти романските и германските народи, или, пак, за марксизмот, преземен од Западот, но свртен против него со цел да го уништи.
Русија отсекогаш преземала од Западот теории што би можеле да послужат за негово разорување: марксизмот, анархизмот или – во нашево време – учењата на Генон, Евола и другите пророци на „десната интернационала“ и евроазискиот идеолошки правец.
Путин не е случајност. Тој ја напипал болната точка на руската цивилизација.
LE FIGARO: Путин тврди дека Русија е „држава-цивилизација“, која следи сопствен, единствен пат.
МИХАИЛ ЕПШТАЈН: Тој длабоко греши, иако привлечноста на оваа парола е разбирлива. За разлика од Кина или Индија, Русија не е доволно автономна или самобитна за да претставува независна цивилизација – но, од друга страна, е доволно голема за да претендира на таков статус!
Русија наликува на „човекот од подземјето“, опишан од Достоевски: неспособен да создаде нешто свое, но истовремено доволно склон кон саморефлексија и прониклив за да се подбива, да разорува и да им нанесува зло како на другите, така и на самиот себе.
Во времето на Путин, Русија се однесува токму како овој „човек од подземјето“.
LE FIGARO: Дали Достоевски го предвидел идниот револуционер од 1917 година? Дали токму тоа е вистинскиот историски пресврт?
МИХАИЛ ЕПШТАЈН: И Царската Империја претставуваше своевиден „антисвет“, постојано спротивставуван на Западот: православието се поставуваше наспроти католицизмот и протестантизмот, а прогресивната интелигенција од XIX век – наспроти буржоаската рационалност.
Сепак, овој „грабливец“ беше релативно мирен; постепено ги губеше своите заби и беше подготвен да се преобрази во држава од европски тип, да воспостави Дума…
По револуцијата, спротивставеноста стана пожестока и покрвава, иако советската идеологија задржа одредени елементи на просветителството и рационализмот.
Меѓутоа, путинизмот е уште поагресивен. Во него доминира фанатизмот, кој се одликува со реторика исполнета со омраза и со дехуманизација на противникот.
LE FIGARO: И покрај сè, во 1989 година се појави надеж дека Русија ќе му се приклучи на Западот.
МИХАИЛ ЕПШТАЈН: Да, секако. Кога се вратив во Русија во 2003 година – првпат по моето заминување – бев вчудовиден. Москва, која беше црна и сива кога заминав, изгледаше речиси исто толку блескаво како градовите на Западот.
Се враќав речиси секоја година; последниот пат беше во 2014 година, кога веќе се чувствуваше како се менува самата суштина на земјата…
Значи, да – имав надеж! И не бев единствениот: ја споделуваа и многу покомпетентни личности, како Александар Јанов – истакнат историчар на руската вестернизација и словенофилството, кој почина непосредно пред 24 февруари 2022 година.
Уште во осумдесеттите години тој го воведе поимот „Вајмарска Русија“, предвидувајќи дека земјата би можела да западне во фашизам по период на делумен распад.
Но руската метаморфоза толку радикално ги беше променила неговите погледи што, кога по анексијата на Крим се појави еден облик на агресивен фашизам, тој сè уште велеше: „Путин – новиот Хитлер? Глупости!“
LE FIGARO: Вие предлагате објаснување за овие замки: огромните размери на земјата – толку неизмерна што е невозможно човек да преземе граѓанска одговорност за неа.
МИХАИЛ ЕПШТАЈН: Како што постои проклетството на изобилството природни ресурси – кое ја атрофира способноста за труд – така, очигледно, постои и територијално проклетство.
Поседувањето огромна територија создава чувство на празнина и номадство. Така Русија – иако се преобразила во седентарно општество – во суштина останува номадска орда.
Путин тоа го нарекува „бујност, жед за движење“: „Кога сè е мирно, средено и стабилно, на човек му станува здодевно… и копнее нешто да се случува“.
Ова кажува сè. Тој оди дотаму што дури и прашува: ако „специјалната воена операција“ заврши, што ќе правиме тогаш?
Неговата стратегија е да води војна, наместо да се зафати со „здодевната“ задача да ја развива нашата неизмерна земја.
Она што на руски се нарекува раздол – тој речиси непреводлив збор што означува неизмерни, отворени пространства, кои истовремено предизвикуваат чувство на бескрајна широчина и слобода на скитање – е поврзано со друг тешко преводлив збор: тоска – меланхолија, мешавина од безумие и мачна душевна состојба.
Пушкин во овој искрен крик препознавал „час дива еуфорија, час најдлабока меланхолија“.
Во поемата на Блок „На Куликовското Поле“, еден меланхоличен коњаник талка на својот бел коњ. Рамнината, непрекината од природни прегради, во него раѓа чувство на изгубеност и несигурност во поглед на сопствената улога.
LE FIGARO: Значи, Русија живее во свет на химери?
МИХАИЛ ЕПШТАЈН: Најголемите руски писатели го кажале тоа, а Андреј Платонов подобро од кој било друг.
Од една страна, тука е манијакалниот занес на владетелите, манијата за освојување на светот; од друга страна, фактот дека колку повеќе ги прошируваме границите на тој простор, толку попразен станува тој – и толку повеќе, за возврат, нè испразнува однатре и нас самите.
Наизменичното сменување на депресијата и манијата ги доловува клучните етапи од руската историја подобро отколку традиционалната политикологија: кратки изливи на манијакална активност кај владетелите и долги периоди на депресија кај угнетениот народ.
LE FIGARO: Вашата книга го разгледува апокалиптичното искушение, кое Путин го изразува преку нуклеарните закани. Дали се забележува политичко слевање меѓу бруталниот свет на чекистите и руската православна есхатологија?
МИХАИЛ ЕПШТАЈН: Парадоксално е, но токму во Саровскиот манастир, каде што во подвиг живеел еден од најголемите руски светители – Серафим Саровски – се наоѓа Федералниот нуклеарен центар.
Уште во 2007 година, за време на патријархот Алексиј, Црквата го зеде центарот под своја закрила; подоцна, во 2023 година, патријархот Кирил изјави дека нуклеарното оружје било замислено во манастирот „преку неискажливата Божја промисла“.
Како да се прави обид ова оружје на апокалипсата да се поврзе со свети места. Токму тука се вкрстуваат теологијата и технологијата на „крајот на историјата“.
Со постојаното проширување на границите на празнината, „Рускиот свет“ ризикува да остане без никаков друг хоризонт, освен опустошувањето на целата планета.
LE FIGARO: Зошто?
МИХАИЛ ЕПШТАЈН: Да повторам: Петар Велики ја исфрли Русија во текот на западната историја.
Но историјата е процес на трпеливо созидавање и натрупување. Апокалипсата, напротив, нуди бегство од овој историски труд. Сè завршува во еден миг: рај или пекол – овде и сега.
Идејата за апокалипсата отсекогаш била силна во Русија – особено меѓу старообредците, чија есхатологија ја проучував преку теренски истражувања во осумдесеттите години.
И Берѓаев, во својата книга „Руската идеја“, го опишува рускиот народ како народ на апокалипсата и нихилизмот.
Претставата дека Русија влегла во историјата не за да постигне успех, туку за да ѝ стави крај на историјата, постепено се наметнува паралелно со ширењето на нихилизмот.
На крајот, презирот кон светот, кон законот и кон човечките слободи раѓа желба сето тоа да заврши што е можно поскоро.
LE FIGARO: Дали е можно Путин да употреби нуклеарно оружје или, пак, цинично има намера да нè принуди да се откажеме од Украина?
МИХАИЛ ЕПШТАЈН: Веројатно и едното и другото. Сепак, никој – дури ни „човекот од подземјето“, кој седи во Кремљ – не знае во кој момент таа намера може да стане стварност. Ниту, пак, на кое ниво – тактичко или стратешко.
Некои тврдат дека постојат премногу посредни алки меѓу наредбата и нејзиното извршување.
Меѓутоа, ние имаме работа со ирационална власт, која го изгубила секое чувство за историски разум и вложува сè поголеми влогови во една смртоносна игра со негативен збир:
Ако ние не можеме да победиме, тогаш нека изгубат сите!

