Вартоломеј со жестоки критики до рускиот патријарх: Ја благословува војната и ја нарекува „света“

Date:

Share post:

Вселенскиот патријарх Вартоломеј остро ги критикува руските црковни претставници за теолошкото оправдување на војната во Украина и за поддршката на руската инвазија. Тој ја отфрла тезата дека доделувањето автокефалност на Православната црква на Украина ја предизвикало војната и предупредува дека идеологијата на „Рускиот свет“ се користи за одржување на духовната потчинетост на украинските православни.

Во интервју за грчкото списание „Books’ Journal“, со новинарот Бајрон Каридис, Вартоломеј оценува дека руската воена инвазија ја разоткрила противречноста меѓу декларативната грижа на руските црковни претставници за православните во Украина и нивната поддршка за војната против украинскиот народ.

„Руската воена инвазија јасно го покажа лицемерието на оние руски црковни претставници кои наводно се грижеа за православните верници во Украина“, вели Вселенскиот патријарх.

Тој особено го критикува обидот војната да се претстави како „света“ и да се оправда со теолошки и метафизички аргументи.

„Ја нарекоа ‘света’, се обидоа теолошки и метафизички да ја оправдаат и ги благословуваа оружјата што пукаа врз украинскиот народ – врз оние што до инвазијата ги нарекуваа свои браќа, а кои сакаа со сила да ги задржат под своја духовна зависност, односно да ги потчинат на етнорасната идеологија на ‘Рускиот свет’“, истакнува Вартоломеј.

Автокефалноста не е причина за руската инвазија

Вселенскиот патријарх повторно ја брани одлуката на Вселенската патријаршија да ѝ додели автокефалност на Православната црква на Украина. Според него, станува збор за црковна одлука чија цел била обновување на единството на православните верници во земјата, а не политички потег што ја предизвикал војната.

„Доделувањето автокефалност на Православната црква на Украина беше чисто црковен чин, одлука донесена од потребата да се обнови единството на православните верници во оваа напатена земја“, вели Вартоломеј.

Тој ја отфрла тезата дека одлуката на Фанар била причина за руската инвазија, оценувајќи дека таквите тврдења служеле за префрлање на одговорноста и оправдување на неоправдливото.

„Војната во Украина сигурно не започна затоа што на нејзината Црква ѝ беше доделена автокефалност, како што некои тврдеа во првите денови на руската инвазија, во прилично неуспешен обид одговорноста да се префрли на друго место и да се оправда неоправдливото“, нагласува Вселенскиот патријарх.

Одлуката за украинската автокефалност е една од главните точки на судир меѓу Вселенската патријаршија и Московската патријаршија. Вартоломеј ја поставува во рамките на одговорноста на Вселенската патријаршија за црковното единство, додека во интервјуто остро се спротивставува на користењето на националната идеологија за оправдување на воената агресија и за задржување на црковна зависност.

Во интервјуто Вартоломеј предупредува и на опасноста православието да се затвори во национални рамки и да се сведе на сојуз на независни помесни цркви, наместо да се разбира како една Црква.

„Православието не го гледаме како конфедерација на независни помесни цркви, како што некои можеби би сакале, туку како Една, Света, Соборна и Апостолска Црква“, вели тој.

Осврнувајќи се на одговорноста на верските лидери во услови на војна, Вартоломеј вели дека одбраната на нападнатите мора да оди заедно со напорите за запирање на конфликтот и воспоставување мир.

„Мораме да го браниме она што е исправно, да застанеме покрај жртвата на нападот и со сите сили да работиме на завршување на војната и воспоставување мир“, порачува тој.

Според Вартоломеј, верските лидери, претставниците на општеството и сите што имаат можност да влијаат треба да ги поттикнат завојуваните страни да прифатат прекин на огнот и да седнат на преговарачка маса.

Тој изразува солидарност со украинскиот народ и православните верници во Украина, повикувајќи на мир и правда и на завршување на војната.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img