Бугарскиот патријарх Даниил јавно ѝ се заблагодари на Вселенската патријаршија за љубовта и братската поддршка, додека Вартоломеј го поздрави договорот меѓу Грција и Бугарија за враќање на историски останки и црковни реликвии, но побара враќање и на преостанатите свети предмети во манастирите од кои биле одземени.
На заедничката архиерејска литургија во Рилскиот манастир, одржана на 19 октомври, бугарскиот патријарх Даниил ја истакна благодарноста на Бугарската православна црква кон Вселенскиот патријарх Вартоломеј и Вселенската патријаршија за нивната братска љубов и поддршка.
„Ја изразуваме нашата благодарност за љубовта и братската наклонетост што ни ги покажуваат лично тој, како и Мајката Црква во целина, преподобната Вселенска патријаршија на Константинопол“, рече Даниил, заблагодарувајќи му се на Вартоломеј за учеството во одбележувањето на годишнините посветени на свети Јован Рилски.
Средбата во Рилскиот манастир, на која двајцата патријарси сослужуваа на литургијата, беше одбележана и со отворен повик од Вартоломеј до бугарските црковни и државни власти да продолжат со враќањето на црковните реликвии во нивните матични манастири.
Вселенскиот патријарх го поздрави неодамнешниот договор меѓу Грција и Бугарија, со кој посмртните останки на цар Самуил се враќаат од Грција во Бугарија, а во Грција се враќаат црковни предмети што претходно биле однесени од патријаршиски и ставропигијални манастири во Македонија и Тракија.
Сепак, Вартоломеј нагласи дека договорот не го затвора прашањето за сите одземени црковни богатства.
„Мајката Црква може само со големо задоволство да го поздрави овој развој, гледајќи на него како на позитивен почеток за решавање на отвореното прашање, кое бара преостанатите свети богатства да им бидат вратени на нивните манастири“, порача тој.
Вартоломеј изрази надеж дека патријархот Даниил и бугарската црковна хиерархија ќе ги искористат своите можности за да влијаат врз надлежните државни власти во Софија, со цел да се овозможи враќање и на преостанатите предмети.
„Уверени сме дека братската љубов на патријархот Даниил и неговата почитувана хиерархија ќе ги искористи сите можности позитивно да влијае врз надлежните бугарски државни власти, за ова болно поглавје конечно да биде затворено со правда и согласност“, рече Вселенскиот патријарх.
Литургијата во Рилскиот манастир беше централниот настан на одбележувањето на 1.150 години од раѓањето и 1.080 години од упокојувањето на свети Јован Рилски, духовниот покровител на Бугарија.

